Русија и Украина: Векови испреплетена историја што ги поврзува и раздвојува

Додека вестите за воената агресија на Русија врз Украина доминираат во вестите, гледањето наназад во долгата, испреплетена историја на овие соседи открива како и кога е создадена сцената за денешниот конфликт.

Заедничкото наследство на двете земји датира повеќе од илјада години од времето кога Киев, сега главен град на Украина, беше во центарот на словенската држава, Киевска Русија, родното место и на Украина и на Русија.

Во 988 година, Владимир I, принцот од Новгород и великиот војвода од Киев, ја прифатил православната христијанска вера и бил крстен во градот Херсонез на Крим. Од тој момент, како што неодамна изјави рускиот лидер Владимир Путин: „Русите и Украинците се еден народ, една целина“.

Сепак, во текот на изминатите 10 века, Украина неколку пати беше поделена од конкурентските сили. Монголските воини од исток ја освоиле Киевска Русија во 13 век. Во 16 век полските и литванските војски ги нападнале од запад, а еден век подоцна, војната меѓу Полско-литванската унија и Руската империја ги ставила земјите источно од реката Днепар под руска контрола. Истокот станува познат како „лев брег“ – Украина; а земјите западно од Днепар или „десниот брег“ биле управувани од Полска.

Повеќе од еден век подоцна, во 1793 година, десниот брег бил припоен кон Руската империја. Во годините што следеа, политиката позната како русификација ја забрани употребата и изучувањето на украинскиот јазик, а луѓето беа под притисок да преминат во руската православна вера.

Украина претрпе некои од најголемите трауми во текот на 20 век. По комунистичката револуција од 1917 година, Украина беше една од многуте земји во кои се водеше брутална граѓанска војна пред целосно да се апсорбира во Советскиот Сојуз во 1922 година. Во раните 1930-ти, со цел да ги принуди селаните да се приклучат на колективните фарми, советскиот лидер, Јосиф Сталин, предизвика глад што доведе до смрт на милиони Украинци. После тоа испрати голем број Руси и други советски граѓани – од кои многумина не зборуваа украински ниту имаа врски со регионот – да помогнат во повторното населување на истокот.

Во тој момент од историјата се создадоа постојани раседни линии. Бидејќи источна Украина беше под руска власт многу порано од западна Украина, луѓето на истокот имаат посилни врски со Русија и поверојатно е да ги поддржат лидерите кои се проруски настроени. Западна Украина, напротив, помина со векови под променлива контрола на европските сили, како што се Полска и Австро-унгарската империја – една од причините зошто Украинците на Запад се повеќе склони да ги поддржуваат политичарите наклонети кон Запад. Источното население има тенденција да зборува повеќе руски и православна вера, додека западното население повеќе зборува украински и се католици.

Со распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, Украина стана независна. Но, обединувањето на земјата се покажа како тешка задача. Прво, „чувството на украинскиот национализам не е толку длабоко на исток колку што е на запад“, рече во една прилика поранешниот американски амбасадор во Украина, Стивен Пајфер. Транзицијата кон демократија и капитализам беше болна и хаотична, а многу Украинци, особено на истокот, копнееја за релативната стабилност од претходните епохи.

„Најголемата поделба по сите овие фактори е меѓу оние кои гледаат со повеќе сочувство кон руските царски и советски власти отколку оние кои ги гледаат како трагедија“, вели Адријан Каратнички, експерт за Украина и поранешен соработник во Атлантскиот совет на Соединетите држави. Овие пукнатини беа откриени за време на Портокаловата револуција во 2004 година, во која илјадници Украинци маршираа за да поддржат поголема интеграција со Европа.

На еколошките карти можете дури и да ја видите поделбата меѓу јужните и источните делови на Украина – познати како степи. Дијагонална линија меѓу истокот и западот, што неверојатно изгледа како политичките карти на претседателските избори во Украина во 2004 и 2010 година.

Крим беше окупиран и припоен од Русија во 2014 година, што набрзо беше проследено со сепаратистичко востание во источниот украински регион Донбас, што резултираше со прогласување на Народните републики Луганск и Доњецк, поддржани од Русија. Денес, руските трупи повторно се во Украина, распоредени долж раседните линии кои ја отсликуваат турбулентната историја на регионот. Војна во која едната страна знае дека не може да победи, а другата дека не смее да загуби…

Поддржете ја нашата работа: