Светот во 2023 година беше сведок на најсмртоносните земјотреси и поплави во поновата историја

pixabay

Иако годинава немаше земјотреси со јачина поголема од 8 степени според Рихтерова скала, имаше 18 земјотреси со јачина поголема од 7 и 123 земјотреси со јачина поголема од 6 степени според Рихтерова скала.

Најголемиот земјотрес беше во Турција

Најсилниот и најсмртоносниот земјотрес во 2023 година е регистриран во Турција.

На 6 февруари Турција беше погодена од земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала, чиј епицентар беше во областа Пазарџик Кахраманмарас.

Според АФАД, земјотресот, кој се случи на длабочина од 8,6 километри, предизвика уништување во 11 провинции во Турција и големи разурнувања и загуби на човечки животи во Сирија. Земјотресот беше почувствуван низ цела Турција и многу делови од Блискиот Исток и Европа.

Меѓу најсмртоносните земјотреси беше оној во Мароко

Вториот земјотрес, кој предизвика најмногу жртви во 2023 година, се случи во Мароко ноќта на 8 септември.

Речиси 3 000 луѓе загинаа, а повеќе од 6 000 беа повредени во земјотресот со јачина од 7 степени, чиј епицентар беше во регионот Ал-Хуз во Маракеш.

Во изјави на официјалните власти се наведува дека од земјотресот биле погодени 2,8 милиони луѓе, што одговара на две третини од населението во регионот, а околу 60 000 куќи биле делумно или целосно уништени.

Насер Џабур, претседател на Националниот геофизички институт на Мароко, го опиша земјотресот како „најголемиот земјотрес во минатиот век во историјата на земјата“.

Земјотреси во Авганистан

Третиот овогодишен земјотрес, кој предизвика најмногу жртви, се случи на 7 октомври во Херат, Авганистан, на границата со Иран.

По овој земјотрес следеа четири последователни земјотреси, од кои најголемиот беше со магнитуда од 6,3 степени, а беа забележани и многу последователни земјотреси над пет степени.

Привремената влада на Талибанците објави дека во земјотресите загинале околу 2 500 луѓе, а илјадници беа повредени.

А на 21 март, земјотрес со јачина од 6,5 степени според Рихтеровата скала се случи во регионот Хиндукус во Авганистан. Во земјотресот, кој беше почувствуван и во Пакистан, загинаа 21 лице. Овој земјотрес е забележан како „петти најсмртоносен земјотрес во 2023 година“.

Четвртиот најсмртоносен земјотрес во 2023 година беше во Непал

На почетокот на ноември Непал беше погоден од земјотрес со јачина од 5,6 степени според Рихтер.

Епицентарот на земјотресот бил на 42 километри јужно од непалската област Џумла.

Во катастрофата, која беше регистрирана како „четврт најсмртоносен земјотрес оваа година“, загинаа 157 луѓе, а многумина беа повредени.

Земјотреси во Еквадор и Филипини

Други земјотреси со голем број жртви во 2023 година се евидентирани во Еквадор и Филипините.

Осумнаесет лица загинаа во земјотресот со јачина од 6,7 степени што се случи во Еквадор на 18 март.

На Филипините 11 лица загинаа во земјотрес со јачина од 6,7 степени според Рихтеровата скала што се случи во регионот Буриас на југот на земјата на 17 ноември.

Поплави во светот

Поплавите, кои се меѓу најголемите природни катастрофи со кои се соочува човештвото, однесоа илјадници животи во 2023 година.

Променливиот режим на врнежи поради климатските промени, емисиите на јаглерод и различните фактори на животната средина доведе до тоа многу земји на глобално ниво да се соочат со овие природни катастрофи.

Најголеми штети во поплавите претрпеа населените места и земјоделските површини кои резултираа со големи штети и човечки загуби.

Најголемата поплава годинава се случи во Либија

Бурата Даниел, која беше ефективна во централниот дел на Медитеранот и ја погоди источна Либија на 10 септември, предизвика поплави во градовите Бенгази, Бејда, Мерџ, Суза и Дерна.

Додека повеќе од 4 300 луѓе загинаа во поплавите што го погодија источниот дел на земјата, 40 000 луѓе, вклучително и најмалку 17 000 деца, беа внатрешно раселени.

Во подрачјата погодени од поплавите на истокот од државата оштетена е 70 отсто од инфраструктурата.

Оштетени се 95 проценти од образовните институции, а образованието во земјата беше во прекин на десет дена. Прогласена беше тридневна жалост за загинатите во поплавите.

Меѓународната организација за миграција при Обединетите нации (ИОМ) објави дека околу 40 000 луѓе се раселени во градовите погодени од поплавите во Либија.

Портпаролот на либиската влада на национално единство, Мохамед Хамуде, рече дека врнежите се најобилни во повеќе од 40 години.

Поплави во Демократска Република Конго

Во провинцијата Јужен Киву на истокот на Демократска Република Конго (ДРК), 438 лица загинаа во поплавите предизвикани од обилните дождови во мај.

По поплавите во земјата беше прогласена национална жалост.

Грција и Италија беа зафатени од обилни дождови и поплави

Седумнаесет лица загинаа во поплавите што се случија во Грција поради врнежите што почнаа на 5 септември.

Невремето Даниел предизвика големи разурнувања, со фокус на подрачјето на Магнезија, но и на поширокото подрачје на Тесалија.

Образованието во основните и средните училишта во овој регион беше прекинато.

Италија беше забележан пораст на временските непогоди. Обилните врнежи во Емилија-Ромања уследија по неколкунеделна суша која ја исуши земјата и ја намали апсорпцијата на вода и ја зголеми опасноста од поплави.

Властите од овој регион соопштија дека 14 реки се излеале од коритата, поплавувајќи 23 градови.

Поплавите однесоа 14 животи, а илјадници луѓе беа евакуирани од нивните домови.

Урагани и бури

Околу 1,2 милиони луѓе беа евакуирани поради поплавите предизвикани од тајфунот Доксури во северната кинеска провинција Хебеј во август.

Во септември, обилните дождови предизвикаа поплави во провинцијата Гуангдонг на југот на земјата.

Повеќе од илјада луѓе загинаа во Малави поради ураганот Фреди  кој во април кој го погоди југоисточниот брег на Африка.

Како резултат на пустошот предизвикан од климатските промени, уништени беа куќи, мостови, училишта и работни места, а оштетени беа патишта, далноводи и земјоделско земјиште.

Повеќе од половина милион луѓе во земјата мораа да ги напуштат своите домови.

Во јужноамериканската земја Перу, 2 500 семејства останаа без покрив над главата поради поплавите предизвикани од тропскиот ураган Јаку во март.

Во Јапонија, која беше погодена од тропскиот тајфун Мавар, кој се појави во источна Азија, во јуни загина едно лице, а беше извршена привремена евакуација на два милиони луѓе.

Монсунски дождови

Приближно 60 000 луѓе беа раселени поради поплавите предизвикани од монсунските дождови во Мјанмар во август.

Во истиот период, околу 700 000 луѓе беа блокирани во Бангладеш поради поплави и лизгање на земјиштето.

Најмалку 1,2 милиони луѓе беа погодени од поплавите во регионите на земјата, вклучувајќи ги Кокс Базар, Чатограм, Бандарбан и Рангамати.

Најмалку 215 луѓе загинаа во катастрофи и несреќи предизвикани од монсунските дождови што започнаа кон крајот на јуни во Пакистан.

Поплавите што во април се случија во Јужна Сомалија погодија 460 000 луѓе.

Обединетите нации (ОН) упатија итен апел за помош по загриженоста поради порастот на епидемиските болести како колера и маларија во регионот погоден од поплавите.

Во Сомалија половина милион луѓе мораа да ги напуштат своите домови поради поплавите предизвикани од обилните дождови во ноември.

Обилните дождови во индиската држава Асам во јуни, поплавија 108 села и раселија повеќе од 115 000 луѓе кои живееја во селата.

Во Јемен, обилните дождови и поплавите раселија повеќе од 9 000 семејства во централниот град Мариб во март.

Поддржете ја нашата работа: