Струен удар „во интерес на хуманоста и милосрдието“: Како се случи првата егзекуција на електрична столица?

Pixabay

Иако при првото погубување на електричната столица се чувствувал мирис на изгореното месо и стенкањето на жртвата, таткото на овој изум изјавил дека „живееме во напредна цивилизација“.

„Ова е кулминација на десет години работа и студирање“, гордо изјави стоматологот д-р Алфред Саутвик на собирот на сведоци на 6 август 1890 година. „Живееме во напредна цивилизација“. Неколку минути пред неговата изјава, првата егзекуција на електричен стол се случи во Бафало, Њујорк.

Егзекуцијата на Вилијам Кемлер, осуден за убиство на својата љубовница, траела 17 секунди. Меѓутоа, неколку моменти подоцна, еден затворски управник забележал како „градите почнале да се креваат“ на затвореникот, а друг извикал: „О Боже! Тој дише!“ Управникот наредил да се врати струјата. Затвореникот дишел тешко уште две минути, време кое било потребно да се рестартира полнењето од 2.000 волти. Неколку сведоци ја напуштиле просторијата кога затвореникот почнал да се пени од устата. Околу главата на затвореникот се создал чад, а собата ја исполнил „мирис на изгорено месо“. Поминаа уште 70 секунди пред затвореникот конечно да биде прогласен за мртов.

Тоа беше ужасен почеток на егзекуцијата на електричен стол. Сензационални наслови се појавија во печатот ширум светот. Доктор Саутвик беше наречен татко на електричниот стол.

Подоцна истиот ден, д-р Саутвик во одговорите на новинарот на Њујорк Хералд инсистираше дека затвореникот имал „апсолутно безболна смрт“. „Ниту плач, ниту звук. [Тој] умре без да знае ништо за тоа“.

Сепак, националниот печат, не верувајќи во оваа верзија, остро ја осуди болната смрт.

Д-р Саутвик работеше цела деценија за да го промени претходниот метод на егзекуција со бесење и стрелање. Според извештајот во Wichita Daily Eagle, тој се залагал за струен удар „во интерес на човештвото и милоста“. Неговата искрена желба, според Њујорк Трибјун, била бесењето, „суровиот и несмасен метод на егзекуција, да биде отфрлен заедно со другите варварски казни“.

Алфред Портер Саутвик е роден во 1826 година во Охајо во истакнато семејство чие наследство датира од Мејфлауер, бродот на англиските сепаратисти кои отпловиле до Новиот свет во 1620 година, каде што станале познати како пуританци. По завршувањето на средното училиште, тој нашол работа во Бафало, сервисирајќи  мотори. Се оженил со Мери Флин во 1853 година. Истата година бил назначен за главен инженер на компанијата за пароброд. Објавил голем број научни написи за дизајнот на мотори со наутичка пареа и, според Марк, „учествувал во групи за научна дискусија“.

Во 1859 година, Саутвик присуствувал на основачкиот конгрес на Американската стоматолошка асоцијација во блиските Нијагарини водопади. Марк известува дека Саутвик видел можност да „развие нови алатки и механички уреди“ за да и помогне на стоматологијата. Набргу по конгресот, тој станал чирак кај локален стоматолог, а подоцна отворил своја ординација во центарот на Бафало. Марк пишува дека д-р Саутвик гледал „пациенти дење и работел на истражувачки проекти ноќе“. Успешно дизајнирал имплант за расцеп на непцето, а во 1877 година ова достигнување било признаено од Њујоршката стоматолошка асоцијација.

Околу 1880 година, инвентивниот д-р Саутвик се заинтересирал за нисконапонската електрична енергија како можно средство за ублажување на болката за време на стоматолошки третман. Кога, во 1881 година, пијан човек кој се обидувал да го исклучи динамото за осветлување, умрел кога го удрило струја. Саутвик мислел дека тоа би можело да биде „похуман“ метод за извршување на смртната казна. Според некои извештаи, бидејќи д-р Саутвик бил навикнат да ги лекува своите пациенти на стоматолошката фотелја, дошол до идејата за електрично столче за егзекуција.

Саутвик генерално беше за смртна казна, но беше вознемирен од извештаите за неуспешни бесења. Поддржувачите на смртната казна стравуваа дека Врховниот суд на Соединетите држави на крајот ќе го укине бесењето како „сурова и невообичаена казна“, а со тоа и самата смртна казна.

Д-р Саутвик заедно со пријател доктор почнале да експериментираат со убивање животни со струја. Имале потешкотии да ја одредат вистинската количина на напон, па го контактирале Томас Едисон за помош. Едисон се спротивставил на смртната казна и го советувал Саутвик да стапи во контакт со Џорџ Вестингхаус, американски пионер на електричната индустрија, кој бил поддржувач на наизменичната струја врз основа на неговата соработка со Никола Тесла и верувал во идеите и пронајдоците на Тесла. Тој го поддржа, убеден дека неговото ротирачко магнетно поле има иднина.

Едисон не сакал неговиот изум да се поврзе со смртна казна, а од друга страна, во негова корист било што наизменичната струја се поврзува токму со тоа. Едисон дури патувал низ САД и со експерименти покажал колку е опасна наизменичната струја. Овој период е познат и како Војна на струите, а најпознатиот пример за кампањата на Едисон беше егзекуцијата на циркуски слон од струјата на Тесла за да се илустрираат неговите наводно неконтролирани својства.

Поради поврзаноста на Вестингхаус со д-р Саутвик, Едисон ги нарекол затворениците кои умреле на електричната столица – „Вестингхаус“, термин кој опстојувал со децении.

Д-р Саутвик му кажал на еден од своите пациенти, државен сенатор, за неговите експерименти, кој пак ги пренесувал информациите на други истакнати јавни функционери, вклучувајќи го и гувернерот Дејвид Хил. Хил, исто така ужаснат од зголемениот гнев на јавноста поради бесењето, собрал комисија од три лица за да се справи со бесењето. За еден од членовите на комисијата е назначен д-р Саутвик.

Извештајот поднесен од комисијата бил добро напишан, историски трактат за егзекуции што датира од античко време. Во извештајот се наведува дека „сите примитивни облици на смртна казна … [биле] … карактеризирани со суровост … со интензивна желба за одмазда … желба да се нанесе физичка болка и страдање, дури и најголема можна агонија“. До средината на 1800-тите, според извештајот на комисијата, цивилизацијата напреднала до точка каде што егзекуциите еволуирале за да бидат „побрзи и помилосрдни“ од оние од античко време.

Следниот логичен чекор беше струен удар, инстант и „милостив“ метод на извршување. Комисијата во извештајот ги вклучи методите на извршување во 36 земји. Во 1888 година, 10 земји користеле гилотина, 19 меч, три бесилка, две стрелачки вод, една секира и една врвка за давење.

По извештајот, законодавниот дом на Њујорк, на барање на гувернерот, донесува закон за легализирање на струен удар во државата Њујорк.

Иако против смртната казна, Едисон тајно го финансирал и Харолд Браун, пронаоѓач кој исто така развивал електрична столица со наизменична струја. Интересно е што Њујорк купил и го искористил електричниот стол на Браун за првото погубување. Дејвид Марк во својата статија пишува дека до 1950 година, „дваесет и седум држави и округот Колумбија, како и повеќе од десетина земји ширум светот, ги погубиле сите или некои од нивните најозлогласени затвореници на електричен стол“.

Меѓутоа, Њујорк го напуштил електричниот стол како метод на егзекуција во 1963 година, кога државните судови ја прогласиле за „сурова и невообичаена казна“. Ова беше иронично, бидејќи избегнувањето на сурово и невообичаено казнување беше една од основните причини зошто д-р Саутвик на прво место го разви столот.

Во 1892 година, д-р Саутвик станал професор на новоформираниот стоматолошки факултет на Универзитетот во Бафало, но неговата репутација како политички пропагандист на смртната казна го следела до крајот на неговиот живот.

Д-р Саутвик починал во својот дом во Бафало во јуни 1898 година, на 72-годишна возраст.

Поддржете ја нашата работа: