Истражување – Густината на сообраќајот и зачестеноста на сезонските алергии

Летото и есента може да бидат крајно немилосрдни кон оние кои се алергични на растението амброзија (Ambrosia artemisiifolia), кое цвета во периодот од крајот на јули до крајот на септември.

Ситуацијата може да биде уште полоша ако ги поминете летните и раните есенски месеци на градскиот асфалт, опкружени со сообраќај – затоа што силните воздушни струи кои „создаваат“ густ сообраќај можат да го распрснат семето на ова растение и до неколку десетици метри.

Тоа е главниот наод на студијата на тројца истражувачи од Техничкиот универзитет во Берлин, која неодамна беше објавена во весникот за применета екологија.

Како тимот, предводен од Андреас Лемке, дојде до овој заклучок?

Тие спроведоа мал теренски експеримент за да утврдат до каде патуваат семките од амброзија на прометен пат со густ сообраќај, а колку на оној со помал број возила. И во двата случаја поставиле 100 семиња покрај работ на патот, каде што најверојатно би паднале носени од природните воздушни струења и ги обоиле во флуоресцентни бои. Потоа, нивната судбината им ја препуштиле на автомобилите. Тимот на Лемке потоа со ултравиолетови светилки побарале до каде се разнесени семињата.

Еве ги резултатите…

Во рок од 48 часа, семките биле на сосема различни места. Иако голем број од нив останале блиску до нивните почетни позиции, воздушните струи од густиот сообраќај многу од нив разнезсле на десетици метри подалеку. Најдалечните семиња патувале дури 71 метар. Што се однесува до сообраќајот со слаб интензитет, ситуацијата не е многу поповолна – најоддалечените семиња од амброзија патувале четириесетина метри подалеку од местото каде што првично биле маркирани.

Сепак, тоа не е сѐ. Истражувачите ги мапирале стебленцата на амброзија покрај патиштата во следните две години за да утврдат колку од нив растат во насока на сообраќајот. Во текот на втората година, тимот сними двојно повеќе садници во насока на сообраќајот, во споредба со спротивната насока каде сообраќајот речиси и да не постои.

Оваа студија е, инаку, првата која ги поврзува промените во густината на сообраќајот со преносот на алергени растителни видови. Резултатите сугерираат дека општините треба ревносно да ги косат страните на патиштата – непосредно пред да созреат семињата, бидејќи во спротивно косилките би можеле да ги разнесат уште подалеку, заклучува германскиот тим.

Поддржете ја нашата работа: