Алергиските реакции на храна, во најмала рака можат да бидат иритирачки, но исто така и многу опасни и животно загрозувачки. Истражувачите од Универзитетот во Саскачеван во Канада, успеале да развијат техника со која се спречува алергиската реакција на храна кај глувци и сметаат дека ова може да функционира и кај луѓето.
Техниката се заснова на поттикнување на продукцијата на нови дендритични клетки. Овие клетки им сигнализираат на другите клетки да го откажат својот хипер-имун одговор со што се спречува појавата на анафилакса – што претставува најбрзата и најопасната алергиска реакција.
Дендритичните клетки нормално ги има во ткивата кои се во контакт со надворешната средина, како што е површниот слој од кожата, како и во внатрешните обвивки на носот, белите дробови, желудникот и цревата.
Истражувачите екстрахирале неколку од овие клетки од глувци и ги изложиле на уникатна мешавина од протеини, киселина поврзана со витамин А што природно ја има во човечките црева и на еден алерген – протеин од кикириките и од белка од јајце.
Кога модифицираните дендритични клетки биле повторно вратени во глувците, нивната алергиска реакција практично била елиминирана. Сензитивните имуни клетки кои претходно биле активирани од алергиската супстанција реагирале како да се наоѓаат во здраво, неалергично лице.
Иако техниката засега е тестирана само на глувци, истражувачите се надеваат дека тестирањата на луѓе ќе започнат веќе во текот на идната година.
Ефективен третман на алергиите би го сменил животот на милиони луѓе, со оглед на тоа дека огромен број на луѓе во светот страдаат од некаков вид на алергиска реакција на храна.
Истражувачите веруваат дека ова би можело да се примени и кај други заболувања што се поврзани со имунилошкиот систем, како што е мултиплекс склерозата.
Истражувањето е објавено во „Journal of Allergy and Clinical Immunology“.