Овој викенд на ноќната програма: Персеиди 2017

Секоја година, август е месец кој за астрономите е обележан со исчекување на метеорскиот рој Персеиди. Се работи за прекрасен ноќен настан, чиј интензитет варира од година во година, а ретко разочарува: за време на максимумот, можат да се видат повеќе од 60 метеори на час.

Минатата година, на пример, оваа бројка достигна до 150 метеори на час (тоа се очекувањата и за оваа година), а во 2004-та година во еден час можеле да се забележат над 200 метеори.

Персеидите се појавуваат како резултат на согорување на остатоците од кометата Свифт-Татл, а чија патека нашата планета секоја година ја пресекува во овој период. Персеидите се веќе активни, и ќе можат да се набљудуваат до 24-ти август, со максимум во ноќта помеѓу 11-ти и 12-ти август. За жал, Месечината ќе го осветлува небото цела ноќ, но тоа не би требало да претставува препрека за набљудување на посјајните метеори.

За да видите што повеќе метеори, ноќта овој петок кон сабота, препорачливо е да одите на место кое е подалеку од градовите, бидејќи таму небото е потемно. Свртете се кон североисток и побарајте го соѕвездието Персеј, според кое е именуван метеорскиот рој, бидејќи тука се наоѓа радијантот – точка од која привидно извираат метеорите. Бидете трпеливи, и во текот на ноќта сигурно ќе бидете наградени со барем неколку светли линии кои ќе го пресечат небото.

Симулација на небото вечерта помеѓу 11-ти и 12-ти август 2017-та година, кога се очекува максимумот на метеорскиот рој Персеиди. Со жолта боја на средината: радијантот на метеорскиот рој. Извор: Stellarium

 

Радијантот на Персеидите и изгледот на соѕвездието Персеј заедно со околните соѕвездија. Извор: Stellarium

 

Дополнително, на веб-страната на астрономија мк. можете да прочитате и подетални совети за набљудување метеори, како и совети за фотографирање на метеорите. И уште еден совет: не верувајте на сензационалистичките вести кои најавуваат огромен број на метеори кои ќе бидат толку светли, што ќе бидат видливи и преку ден. Персеидите се прекрасна појава, но таква која бара трпение за да може да се ужива во неа. Не ги пропуштајте овогодинешните Персеиди, и споделете ги искуствата од доживувањето на оваа фејсбук страница.

Извор: астрономија.мк

 

ЕНаука.мк
Ви благодариме за секоја ваша поддршка , донација и сугестија BTC=15qk6EUHTeHF9Y6mava8sJFcJVpWXAidK6 DOGE=DNQUB9HjQKpW353XsG44D9X34JhD5YcCXm ETH=0x760607ca70be5720f68c848ede4dd3bc530e032c SOL=E7xEBsmHDcZ7VPzU7ZFYY34mpbpZxnMtRA9nTytDAmJt