Ново глобално клиничко испитување сугерира дека терапија со поткожна инјекција на секои шест месеци може значајно да помогне кај пациенти со висок крвен притисок што не се стабилизира доволно со вообичаените лекови. Станува збор за експерименталниот лек zilebesiran, тестиран како дополнување на стандардната терапија.
Во студијата KARDIA-2 биле вклучени 663 возрасни лица со недоволно контролиран крвен притисок. Според објавените резултати во JAMA, групата што примала zilebesiran заедно со редовната терапија постигнала поголемо намалување на крвниот притисок во споредба со групата што продолжила само со стандардните лекови.
Механизмот на лекот се базира на RNA interference технологија. Целта е да се намали создавањето на ангиотензиноген во црниот дроб, протеин што има важна улога во регулацијата на крвниот притисок. Со пониски нивоа на овој протеин, крвните садови полесно се релаксираат, што може да придонесе за намалување на притисокот.
Истражувачите нагласуваат дека долготрајниот ефект е клучната новина: наместо секојдневно земање терапија, пациентот би примал инјекција двапати годишно. Овој пристап потенцијално може да ја подобри придржливоста кон третманот, што е чест предизвик кај хипертензијата.
Следниот чекор е студијата KARDIA-3, која ќе испитува дали истиот пристап носи корист и кај лица со хипертензија и веќе постоечко кардиоваскуларно заболување, или кај оние со висок ризик. Планирана е и голема глобална студија за исходи, со фокус дали терапијата може да го намали ризикот од мозочен удар и кардиоваскуларна смрт.
Иако резултатите се охрабрувачки, zilebesiran сè уште е во истражувачка фаза и ќе бидат потребни дополнителни податоци за долгорочна ефикасност и безбедност пред поширока клиничка примена.































