Новo истражување: кафето влијае на цревата, расположението и вниманието

Ново истражување на научници од University College Cork укажува дека кафето не делува само како стимуланс, туку може да влијае и врз врската меѓу цревата и мозокот. Според резултатите објавени во списанието Nature Communications, и обичното и бескофеинското кафе се поврзани со промени во цревниот микробиом, како и со разлики во расположението, стресот и когнитивните функции.

Во студијата биле споредени 31 редовен консумент на кафе и 31 лице што не пијат кафе. Истражувачите собирале податоци за исхраната и внесот на кофеин, правеле психолошки процени и анализирале примероци од столица и урина. Како редовни консументи биле дефинирани луѓе што најчесто пијат од три до пет шолји кафе дневно, ниво што Европската агенција за безбедност на храната го смета за умерено и безбедно.

На почетокот, лицата што редовно пиеле кафе направиле двонеделна пауза. Во тој период биле забележани јасни промени во метаболитите што ги создаваат цревните микроорганизми, што покажува дека кафето има мерливо влијание врз микробниот состав и активност. Потоа кафето било повторно воведено, без учесниците да знаат дали добиваат обично или бескофеинско кафе.

И двете групи пријавиле подобро расположение, со пониско ниво на стрес, депресивност и импулсивност. Тоа е важен наод бидејќи сугерира дека дел од позитивните ефекти не зависат само од кофеинот. Научниците забележале и поголема застапеност на одредени бактерии кај луѓето што редовно пијат кафе, меѓу кои Eggertella sp и Cryptobacterium curtum, како и зголемување на групата Firmicutes. Овие промени би можеле да бидат поврзани со процеси важни за варењето, создавањето жолчни киселини и заштитата од штетни микроорганизми.

Резултатите покажале и разлики меѓу бескофеинското и обичното кафе. Подобрување во учењето и меморијата било забележано само кај учесниците што пиеле бескофеинско кафе, што упатува дека соединенија како полифенолите можеби играат значајна улога. Од друга страна, кафето со кофеин било поврзано со подобро внимание, поголема будност и намалена анксиозност, а истражувачите наведуваат и можна врска со понизок воспалителен ризик.

Иако станува збор за релативно мала група учесници, студијата нуди појасна слика за тоа дека кафето е сложен прехранбен фактор, а не само извор на кофеин. Авторите заклучуваат дека неговото влијание врз здравјето веројатно се одвива преку повеќе патишта истовремено, вклучувајќи го микробиомот, метаболизмот и нервниот систем.