Патентите содржат важни научни информации за хемикалии што можеби ќе се произведуваат и користат дури по неколку години. Истражување од Универзитетот во Умео покажува дека вештачката интелигенција би можела да помогне овие податоци да се претворат во систем за рано предупредување за потенцијално опасни супстанции.
Проблемот е што молекуларните структури и шемите на хемиски реакции во патентите често се прикажани како слики. Бидејќи текстуалните пребарувачи не можат директно да ги читаат, значаен дел од хемиските информации останува недостапен за автоматска анализа.
Истражувачите тестирале три алатки за препознавање хемиски структури — MolScribe, Mathpix и DECIMER — врз два внимателно подготвени збирa на податоци од базата Espacenet на Европската патентна канцеларија. Едниот опфаќал општа органска хемија, а другиот пер- и полифлуороалкилни супстанции, познати како PFAS. Резултатите ги провериле петмина хемичари.
Кај стандардно нацртаните органски структури, алатките постигнале точност од приближно 74 до 78 проценти. Тие успешно препознавале ароматични прстени, вообичаени функционални групи и стандардни хемиски кратенки.
Кај PFAS-соединенијата, сепак, перформансите биле значително послаби. Од 43 уникатни структури, ниту една од трите алатки не дала точен резултат за 26 структури. Дополнителни проблеми предизвикувале сложените начини на прикажување во патентите, како и заматените или изобличени слики во постарите документи.
Замислениот процес би се одвивал во неколку чекори: системот прво би откривал хемиска структура во патентна слика, потоа би ја претворал во машински читлив формат, како SMILES запис, и би ја споредувал со познати супстанции и хемиски групи. Структурите со можни ризични својства или целосно новите соединенија би се издвојувале за дополнителна експертска анализа.
Научниците нагласуваат дека вештачката интелигенција не треба самостојно да прогласува хемикалија за опасна. Нејзината улога е да биде преведувач од слика во дигитален податок, додека конечната проценка ја прават стручњаци. Затоа, секој практичен систем ќе мора да вклучува проверка на квалитетот, оценка на сигурноста на резултатот и задолжителен човечки надзор.
Студијата, објавена во списанието Chemical Research in Toxicology, не покажува дека технологијата е подготвена за непосредна широка примена. Таа, сепак, дава пореална слика за тоа каде алатките функционираат добро и каде можат да пропуштат важни структури — сознание неопходно за идните системи за рано предупредување.
































