Нова минимално инвазивна процедура може да ја одложи замената на коленото

Нова минимално инвазивна процедура позната како емболизација на геникуларните артерии (GAE) може да понуди дополнителна опција за луѓето со остеоартритис на коленото кои не добиваат доволно олеснување од конзервативните третмани, но сè уште не се подготвени за операција за замена на зглобот.

При GAE се намалува протокот на крв во малите крвни садови околу коленото што се поврзуваат со воспалението. Целта е да се намалат воспалението, отокот и болката, без замена на оштетениот зглоб.

Според податоците од досегашните истражувања, околу 70 отсто од пациентите може да имаат значително подобрување, а кај дел од нив болката речиси целосно исчезнува. Кај пациентите што добро реагираат, олеснувањето може да трае од две до четири години.

Најчесто најдобри кандидати се луѓето со лесен до умерен остеоартритис. Кај понапредната болест процедурата исто така може да се изведе, но придобивките можеби нема да траат толку долго.

Постапката обично трае еден до два часа и се изведува со свесна седација, без целосна анестезија. Лекарите прават мал засек во пределот на ногата, а преку феморалната артерија внесуваат тенок катетер, кој со помош на рендгенско снимање се насочува до крвните садови околу коленото.

Преку катетерот се ослободуваат ситни честички што ги блокираат целните абнормални крвни садови. По неколкучасовно следење, пациентите најчесто си заминуваат дома истиот ден, а закрепнувањето е пократко отколку по операција за замена на коленото.

GAE се развива повеќе од една деценија, а интересот за неа расте бидејќи може да пополни празнина меѓу лековите, физикалната терапија и инјекциите, од една страна, и големата хируршка интервенција, од друга.

Истражувачите сè уште проучуваат како точно процедурата го менува воспалението во коленото и колку долго траат ефектите. Се испитуваат и привремени уреди што ги блокираат малите крвни садови, како и можноста слични пристапи да се применат кај други болни состојби.

Иако раните резултати се охрабрувачки, GAE не е гарантирана замена за операцијата и не е подеднакво ефикасна кај сите пациенти. Одлуката за третман треба да се донесе со специјалист, врз основа на степенот на оштетување и целокупната здравствена состојба.