Сè повеќе Американци се свртуваат кон вештачката интелигенција кога бараат финансиски совети, но довербата во нејзината способност за управување со пари останува ниска, покажува истражување на „Галуп“ спроведено во соработка со финансиската компанија „Едвард Џонс“.
Околу еден од петмина возрасни Американци кои побарале финансиски совет во изминатата година користеле алатка со вештачка интелигенција. Сепак, меѓу сите испитаници, само околу 30% изјавиле дека имаат барем одредена доверба во нејзината експертиза за управување со пари, а само 3% имаат „голема доверба“.
Резултатите откриваат јаз меѓу изворите што луѓето ги користат и оние на кои најмногу им веруваат. Интернет-пребарувањата биле користени од 73% од лицата што барале финансиски насоки, додека околу една третина се обратиле кај професионален финансиски советник. Иако околу 80% од возрасните имаат барем одредена доверба во финансиските советници, нивните услуги често се поскапи и помалку достапни.
Употребата на вештачка интелигенција е почеста кај помладите генерации. Околу една четвртина од припадниците на генерацијата З и милениумците кои побарале финансиски совети користеле AI, во споредба со 16% кај генерацијата Икс и 7% кај бејби-бумерите. Од друга страна, професионален советник користеле 14% од припадниците на генерацијата З, 21% од милениумците, 34% од генерацијата Икс и 55% од бејби-бумерите.
Експертите советуваат AI да се користи првенствено за објаснување на финансиски поими и за почетно истражување, а добиените информации да се проверуваат преку доверливи извори. Одговорите можат да се разликуваат зависно од начинот на кој е поставено прашањето, а системите не ја познаваат целосно личната финансиска ситуација на корисникот.
Клучната разлика е што професионалните финансиски советници имаат законска и фидуцијарна обврска да го дадат најсоодветниот совет за клиентот. Вештачката интелигенција нема таква одговорност, па конечниот ризик и одлуките остануваат кај корисникот.
































