Ретка варијанта на генот APOE, позната како APOE2, можеби го штити мозокот од Алцхајмерова болест и последиците од стареењето преку подобра заштита и поправка на ДНК во нервните клетки.
Истражувањето на научници од Buck Institute for Research on Aging, објавено во списанието Aging Cell, покажало дека невроните со APOE2 претрпуваат помалку оштетувања на генетскиот материјал и полесно се опоравуваат по изложување на силен клеточен стрес.
Генот APOE има три најчести варијанти: APOE2, APOE3 и APOE4. Додека APOE4 е најсилниот познат генетски фактор на ризик за доцна Алцхајмерова болест, APOE2 се поврзува со подолг животен век и помал ризик од деменција.
За да ги споредат нивните ефекти, истражувачите користеле човечки матични клетки претворени во два типа неврони. Клетките биле генетски изменети така што се разликувале само во варијантата на генот APOE. Тимот анализирал и ткиво од хипокампусот кај постари глувци со човечки варијанти на генот.
Невроните со APOE2 активирале повеќе механизми поврзани со поправка на ДНК и одговор на оштетувања. Директните мерења покажале и помал број прекини во ДНК, во споредба со клетките што носеле APOE3 или APOE4.
Клетките со APOE2 биле поотпорни и на клеточна сенесценција — состојба во која оштетените клетки престануваат нормално да функционираат. По изложување на радијација или на лекот доксорубицин, овие неврони имале пониски нивоа на маркери поврзани со сенесценција и подобро зачувана структура на клеточното јадро.
Во еден од експериментите, додавањето прочистен протеин APOE2 на неврони со APOE4 го намалило сигнализирањето на оштетување на ДНК по радијација. Овој резултат укажува дека дел од заштитниот ефект можеби би можел да се пренесе и преку терапија, а не само преку наследување на APOE2.
Слични наоди биле забележани и кај глувците. Животните со APOE2 имале подобро зачувана структура на клеточното јадро и хроматинот во хипокампусот, што се поврзува со поздраво стареење на мозочните клетки.
Научниците нагласуваат дека сè уште не е познато точно како APOE2 ја стабилизира клеточната структура и ги засилува механизмите за поправка на ДНК. Следните истражувања ќе испитуваат дали соединенија што го имитираат APOE2 или насочени терапии за поправка на ДНК би можеле да понудат слична заштита, особено кај луѓето со APOE4.
Наодите не претставуваат готов третман за Алцхајмерова болест, но отвораат ново истражувачко поле во кое генот APOE се разгледува не само преку неговата улога во метаболизмот на мастите, туку и преку способноста на невроните да го зачуваат сопствениот генетски материјал.
































