Апстрактно познавање на јазикот: Бебињата се сеќаваат на својот прв јазик, иако никогаш не го зборувале

Новата студија вели дека учењето на јазиците може да остане во потсвеста во текот на првите шест месеци по раѓањето, поради што покасно е полесно да се научи, посебно кога станува збор за првите изговорени зборови.

Тимот кој се занимавал со ваквото истражување вели дека ова се добри вести за децата кои се посвоени во друга држава, а сакаат повторно да воспостават контакт со својот мајчин јазик.

Не памтиме зборови, туку примери

“Дури и во првите месеци од животот собираме корисно знаење за јазикот”, вели Миријем Броерсма од Универзитетот Радбоуд во Холандија.

“Она што го зачувуваме во врска со нашиот мајчин јазик е апстрактен поим за тоа какви се примероците, а не зборовите.”

Иако досегашните студии покажале дека бебето може да зачува некои јазични примероци додека е сеуште во мајката, како и на самиот почеток од животот, целта на ова ново истражување е да се разбере колкав е процентот на можност, се она што е научено да се врати повторно, доколку детето продолжи да учи друг јазик.

Јазичен експеримент

За да го откријат ова, научниците поканиле 29 лица родени во Кореја кои зборувале холандски и 29 домашни говорници од Холандија. Од сите побарале да идентификуваат и репродуцираат три корејски согласки после две недели учење. Холанѓаните родени во Кореја веќе немале никакво свесно знаење за корејскиот јазик.

Избрани биле звуци кои се посебно различни од било кој збор на холандски јазик, а резултатите биле оценувани од страна на луѓе чиј мајчин јазик бил корејски.

Учесниците родени во Кореја покажале значително поголемо подобрување на изговорот во текот на двонеделното учење во однос на родените во Холандија.

Со други зборови, изгледа дека нешто им останало во потсвеста од нивните најрани месеци од животот, иако сите учесници израснати во Холандија зборувале само холандски јазик.

Начинот на кој малите бебиња го учат јазикот е навистина фасцинантен, но исто така и тежок да се научи, бидејќи и не е баш возможно да се организира панел од бебиња кои би зборувале за своето искуство.

Поддржете ја нашата работа: