Роверот „Кјуриосити“ на НАСА наишол на необичен предел во марсовската долина Валје Гранде, каде што површината е прекриена со илјадници мали пукнатини во форма на полигони. Со широчина од околу 4 до 8 сантиметри, тие создаваат впечаток на огромно природно саќе.
Формациите се протегаат во сите правци, до границите на видливоста од роверот. Тие се забележуваат и по страните на блискиот рид Мирафлорес, висок околу шест метри и покриен со дебел слој песок. Целосниот обем на пределот е прикажан на панорама од 360 степени, снимена на 19 и 20 јуни.
„Кјуриосити“ и порано откривал помали групи слични геометриски форми, но никогаш досега не забележал поле со вакви размери. Научниците внимателно ги анализираат обликот и хемискиот состав на пукнатините за да откријат како настанале.
Една од можностите е дека станува збор за пукнатини во некогашна кал што се исушила. Сепак, слични шари можат да се создадат и при повторливи циклуси на загревање и ладење, или при набивање на седиментите под површината, кога водата се истиснува од нив.
Новото откритие е уште едно во низата изненадувачки геолошки наоди на „Кјуриосити“, кој слета на Марс во август 2012 година. Роверот откри и сулфурни кристали, необични метеорити и бројни траги што укажуваат дека древниот Марс некогаш имал езера и потоци.
Во подножјето на планината Шарп, која роверот ја истражува од 2014 година, се пронајдени и органски молекули што можеби биле претходници на молекулите во РНК и ДНК. Нивното потекло сè уште не е утврдено: тие можеле да настанат преку биолошки, но и преку геолошки процеси. Сепак, наодите потврдуваат дека древниот Марс ги имал дел од хемиските услови потребни за поддршка на живот.
































