Британскиот природонаучник Дејвид Атенборо, сподели еден доста необичен, но всушност многу корисен совет со сите кои сакаат да ја зачуваат природата, а тоа би требало да биде клучна цел на секој човек кој живее на Земјата.
Бидејќи живееме во свет каде што храната се повеќе се третира со хемикалии и пестициди, oна што ни останува од природата засигурно треба да го сочуваме за себе и за идните генерации кои доаѓаат. Но, знаете ли дека дури третина од храната која секојдневно ја јадеме ја опрашиле пчели и дека тие се заслужни за хранење на 90 отсто од светската популација?
Токму поради тоа, овој светски познат природонаучник советува дека во сечиј двор треба да се најде место за лажица шеќер, за пчелите да можат да се нахранат и добијат енергија за да се вратат до своите кошници. Имено, пчелите често немаат доволно енергија да се вратат до својата кошница, па одат во потрага по цветни извори на полен.
Доколку пчелите исчезнат од нашиот еколошки систем, човештвото би се соочило со повеќе од тешко решлив проблем.
“Кога пчелите би исчезнале од нашата планета, на луѓето би им останало многу малку живот. Затоа, доколку не сакаме тоа да ни се случи, а во вашиот двор забележувате пчели, промешајте лажица шеќер со лажица вода и оставете им на видно место”, советува Атенборо.
Мешавината од шеќер и вода ќе им ја даде потребната енергија да продолжат со својата секојдневна работа, која за сите нас е од голема важност.