Дебелината на мајката влијае на имунитетот на бебето

Дебелината станува сè поголем здравствен проблем и сè поголем број од жените на репродуктивна возраст имаат прекумерна телесна тежина.

Дебелината се поврзува со здравствени проблеми како срцеви болести, рак и хипертензија. Може да ја искомплицира бременоста со тоа што го зголемува ризикот за појава на гестациски дијабетес, или прееклампсија кај мајката, како и ризикот за предвремено породување или дете со вродени дефекти.

Дебелината на мајката исто така се поврзува со неколку негативни здравствени последици за детето, што може да се јават и во зрелата возраст, како на пр. дијабетес тип 2, срцеви заболувања и смртност.

Но, според едно истражување на Илхем Месауди и неговиот тим од Универзитетот во Калифорнија, Риверсајд, дебелината на мајката влијае и на имуниот систем на бебињата. (Дебелината е категоризирана според индексот на телесна маса – над 30 се смета за гојазност).

Научниците анализирале примероци од папочната врвца на бебиња родени од дебели мајки и откриле дека тежината на мајката пред бременоста и за време на бременоста го зголемува ризикот за потенцијални болести кај новороденчето, како што се срцеви заболувања и астма.

Истражувањето е спроведено на 39 мајки во Портланд, Орегон од кои сите биле непушачи, немале компликации за време на бременоста и сите родиле по едно дете. 11 мајки биле послаби, 14 биле дебели и 14 биле гојазни. Научниците откриле дека специфичните имунолошки клетки – моноцити и дендрити, не биле во можност да одговорат на бактериските антигени кај мајките со висок индекс на телесна маса, за разлика од послабите мајки. Бебињата исто така покажале и намалување на „CD4“ Т-клетките, што може да резултира со компромитиран одговор на инфекција и вакцинација, како и намален број на еозинофилите кои играат клучна улога при алергиските реакции и астмата.

Ова истражување е првото кое ја покажува поврзаноста на дебелината на мајката во текот на бременоста и имуниот систем на новороденчето. Истражувањето исто така покажува дека промените во имунитетот се забележливи веднаш по раѓањето и може да продолжат и во зрелоста.

„Кога мајките одат на доктор, тие ги предупредуваат за ризикот од цигари, дрога и алкохол. Треба да се почне да се зборува и за дебелината. Зборувајте со докторот за тоа која е иделната тежина пред и за време на бременоста“, предупредуваат научниците.

Истражувањето е објавено онлајн на „PubMed“, а наскоро ќе се објави во списанието „Pediatric Allergy and Immunology“.

Поддржете ја нашата работа: