
Големите рамнини на американскиот запад стануваат едно големо море од грмушки, а пожарите предизвикани од човекот се во срцето на проблемот, според екологот Дирак Твидвел кој верува дека контролираните пожари не се доволно жешки за да се контролираат грмушките кои ги обраснуваат рамнините.
Според него, потребни се „екстремни пожари“, што значи пожари кои горат силно и се променливи и нелинеарни во своето движење. За да се справат со вакви екстремни пожари, Твидвел заедно со тим на инженери од Универзитетот во Небраска креирале дронови кои можат да предизвикаат вакви пожари од небото.
„Никој не ги проучува екстремните контролирани пожари бидејќи се сметаат за премногу опасни, иако тие подобро ги имитираат природните услови на пожар кои ја обликуваат екологијата на Големите рамнини.
Во минатото, молњите редовно предизвикувале пожари во рамнините и ги уништувале дрвјата и грмушките, а го промовирале растот на треви адаптирани на оган. Но, овој природен процес го смениле луѓето со помош на контролираниот оган, со што овозможиле грмушките да го преземат теренот.
Со контролираните пожари со слаб интензитет се спречуваат големите диви пожари, а истовремено преживуваат и грмушките, што претставува проблем за фармерите кои сакаат да го задржат квалитетот на пасиштата за добитокот, како и за сите оние кои сакаат да се здржаи природниот екосистем.
„Ако сакаме да ја разбереме улогата на пожарите во природата, тогаш треба да проучуваме поголем опсег на интензитети, и ни требаат нови пристапи за да го направиме тоа“, вели Твидвел. Нови пристапи како беспилотни летала, односно дронови кои пуштаат оган од небото. Дроновите се опремени со т.н. јајца од змеј, со големина на пинг-понг топчиња кои се полни со хемикалии за да предизвикаат пожар. Тие се потполно безбедни, а и евтини. На следното видео може да видите како дроновите се полнат и како ги исфрлаат овие топчиња.
https://www.youtube.com/watch?v=H4FiKbpJx6U
Научниците веќе извршиле две успешни тестирања на дроновите во Небраска и добиле ветувачки резултати. Тие веруваат дека дроновите може да имаат значајна улога во контролирањето на екстремните пожари, како во прецизноста, така и во набљудувањето. Екстремните пожари може да ги уништат грмушките кои го трансформираат земјиштето, па можеби со оваа техника ќе започне и обновувањето на овие иконски рамнини.
Истражувањето е објавено во „Frontiers in Ecology and the Environment“.

























