Што се случило со библиотеката во Александрија?

Библиотеката во Александрија била изградена од страна на Птоломеј I или, според други тврдења, неговиот син, Птоломеј II, во времето на III век пред новата ера. Во неа работеле стотици луѓе кои имале задача да преведуваат разни материјали од „варварските“ јазици на грчки јазик, како и да ги распоредуваат списите. Не се знае колку точно свитоци се чувале во библиотеката, но се споменува дека таму имало околу 600 илјади списи. Сите им биле на располагање на елинистичките научници кои можеле да ги изучуваат материјалите. Во тоа време во Александрија биле објавени многу револуционерни идеи. Некои од најзначајните се дека човекот размислува со мозокот, а не со срцето; дека Земјата се врти околу Сонцето (дури 1.800 години пред Коперник), а со голема точност бил пресметан и пречникот на нашата планета. За жал, најчесто сите убави работи траат кратко.

Најчесто, како одговор на прашањето – што се случило со легендарната библиотека во Александрија, се слуша одговорот дека таа настрадала во голем пожар. Меѓутоа, според некои аналитичари, тоа не е сосема точно. Дел од нив тврдат дека разорувањето на библиотеката се поврзува и со други настани. Најчесто се споменуваат тројца виновници за уништување на грандиозната ризница на знаења. Тоа се – Јулие Цезар, Теофил од Александрија и калифот Омар од Дамаск.

Легендата вели дека александрискиот патријарх, Теофил, во 391 година почнал со уништување на паганските храмови во име на Христа. Иако е познато дека Теофил уништил и една библиотека, преовладува мислењето дека не станува збор за големата Александриска библиотека, туку за нејзина „сестра“, која што ја подигнал Птоломеј III. Мошне помала и со многу помалку списи.

Приказната за калифот Омар, најверојатно е само приказна која што раскажува дека во 645 година Омар го освоил Египет, а библиотеката ја запалил заради списите што не се совпаѓале со учењето на Куранот. Многу научници историчари мислат дека оваа верзија е измислена во XII век, како пропаганда во времето на крстоносните војни.

Најверојатно, „големиот пожар“ го запалил Јулие Цезар за време на војната во Александрија, во обид да ја запали флотата закотвена во блиското пристаниште. Верзија што јасно е заведена во некои древни списи. Меѓутоа, во ниту еден документ не пишува децидно дека токму тој оган ја зафатил и Библиотеката. Сепак, многумина се сигурни дека токму тоа се случило. Во поижарот изгореле огромен број свитоци, а по завршувањето на битката, Цезар наредил сите останати материјали да се префрлат во Рим.

Останува отворено прашањето колку од тие списи ги преживеале следните столетија, имајќи предвид дека никој не ги препишувал, а папирусот на кој биле оригиналните ракописи, не е воопшто отпорен на надворешните влијанија.

Поддржете ја нашата работа: