Европската унија постигна договор за забрана на користење пластика за еднократна употреба, како пластични чинии, чаши или сламки.
Австриската министерка за туризам, Елизабет Кестингер вели дека “договорот е постигнат, опишувајќи го тоа како чекор во напорите да се намали пластичниот отпад“.
Договорот официјално треба да го потврдат земјите членки на ЕУ и европскиот парламент, а се очекува да стапи на сила за две години.
Во мај оваа година, Европската комисија предложи забрана за голем број пластични производи за еднократна употреба, за кои постојат алтернативи кои не се од пластика, истовремено намалувајќи ја употребата на предмети како пластични садови за еднократна употреба.
Повеќе од 80 проценти од отпадот во морињата го сочинува пластиката што го загрозува животот во водите бидејќи истата бавно се распаѓа.