Хуавеј – рекорден ќар покрај црната листа на САД!

Кинескиот телекомуникациски џин Хуавеј текнолоџис соопшти дека во 2019 година остварил рекордна добивка, и покрај бурната година во која САД и нивните сојузници го ставија на црна листа.

„И покрај концентрираните напори на американската влада да нѐ сопре, успеавме и продолживме да создаваме вредност за нашите потрошувачи“, изјави претседателот на Хуавеј Ерик Су.

Приходите од продажбата на Хуавеј во 2019 година ќе достигнат 850 милијарди јуани (122 милијарди долари), што е годишен пораст од околу 18 отсто.

„Тие бројки се пониски од нашите иницијални проекции“, кажа Су, додавајќи дека компанијата „стои цврсто и покрај проблемите“.

Во 2018 година годишниот приход на Хуавеј порасна за 19,5 отсто.

Најголемиот светски произведувач за телекомуникациски мрежи и вториот најголем произведувач на паметни телефони Хуавеј во мај беше ставен на американската „листа на ентитети“, со што кинеската компанија беше блокирана во работењето со американските.

Вашингтон смета дека Хуавеј претставува опасност за националната безбедност низ светот бидејќи кинеската влада така би можела да ги шпионира корисниците. Хуавеј тоа неколку пати категорично го демантираше.

Су кажа дека не очекува компанијата да биде тргната од црната листа во 2020 и предупреди дека следува „тешка година“.

Поддржете ја нашата работа: