Рибата –лав веќе ги зазгрозува екосистемите низ водите на Атлантикот и Карибите во западната хемисфера. Но, сега, овој убав но многу отровен грабливец му се заканува и на Медитеранот.
Во документот што беше објавен во „Marine Biodiversity Records“, истражувачите откриваат дека рибата-лав ги колонизирала медитеранските острови само за една година.
„Досега беа забележени само неколку риби-лав „Pterois miles“ во Медитеранот и беше дискутабилно дали овој вид може да го нападне овој регион како во случајот со Атлантикот. Но, неодамна откривме зголемување на бројот на овие риби и во текот на само една година тие го колонизирале речеси целиот југоисточен брег на Кипар, потпомогнати од зголемената температура на морската вода“- вели во извештајот, коавторот на студијата Деметрис Клетоу.
Рибата-лав првично е откриена во водите на Тихиот и Индискиот Океан. На Карибите и во западниот Атлантик најверојатно доспеале откако биле ослободени од приватни аквариуми. Инвазијата на Медитеранот е направена по друг пат.
Со проширувањето на Суецкиот Канал добиле уште подобар пристап до Средоземното Море, а зголемените температури овозможиле идеална средина за овие инвазивни риби.
Инвазијата на овие риби е особено загрижувачка поради нивниот начин на исхрана, бидејќи ги напаѓаат сите видови риби и ракови, вклучувајќи ги и комерцијално важните видови. Покрај тоа, се размнжуваат со алармантна брзина – една женка од овие риби продуцира и до два милиони јајца годишно.
На Флорида се организира т.н. „Lionfish Challenge“ каде нуркачите се охрабруваат да убијат што е можно повеќе риби-лав.
Можеби оваа традиција ќе се прошири и на Медитеранот.