Експерименталните третмани досега се вршени воглавно на кучиња (домашни миленици), но истражувачите се надеваат дека откриле ефикасна анти- канцер терапија за луѓето.
Употребата на бактерии при терапија на ракот не е нов концепт. Прв пат е пробана пред околу еден век. И покрај ветувачките резултати, микробната терапија се повлече пред моќните цитостатици и зрачењето.
Но денес научниците повторно ја враќаат употребата на бактериите во третманот на туморите. Студијата од истражувањето е објавена во „Science Translational Medicine,journal“.
Модифицираните спори на бактерија од почвата наречена- „C.novyi“ се директно вбризгани во туморите кои природно се појавуваат кај кучињата и тоа на група од 16 кучиња. Кај три кучиња туморите потполно исчезнале во рок од 21 ден од инјектирањето на спорите. Кај други три кучиња од групата, туморот се намалил за најмалку 30 проценти.
Во меѓувреме, кај пациентка со тумор на меко ткиво во напредна фаза, кој бил проширен на стомакот, третманот со спори значително го намалил туморот во и околу коската на раката од каде што туморот првично потекнувал.
Бактеријате е модифицирана (ослабната) бидејќи вбризгувањето на бактеријата во целата своја снага би можело да доведе до фатална инфекција.
Шибин Џоу (Shibin Zhou) е шеф на експериментална терапија на Медицинскиот универзитет Џон Хопкинс во Балтимор, Мериленд.
„Спорите на “C.novyi“ опстојуваат во средина сиромашна со кислород, како што е средината на туморот. Штом се вбризгаат, тие почнуваат да ги уништуваат клетките на туморот до кои класичните третмани за канцер не можат да допрат”- објаснува тој.
„Кога бактеријата расте , таа ги лишува клетките на туморот од материите со кои тие нормално се хранат. Исто така утврдивме дека бакеријата лачи ензими кои ги деструираат протеините и другите работи кои му се потребни на туморот. Што е уште поважно, микробите ќе поттикнат јак имун одговор. Имуниот систем ја напаѓа не само бактеријата, туку и самите туморски клетки”.
– вели Џоу
Во експериментите со глувци, бактериската терапија покажа спор имун одговор против клетките на ракот. Ваков одговор се’ уште не е забележан кај кучињата или луѓето.
Стаорците со тумор на мозокот после бактериската терапија преживеале 33 дена, за разлика од стаорците кои не примиле таква терапија кои преживеале 18 дена.
Џоу вели дека истражувачите се обидуваат да произведат бактерија што ќе покаже помалку несакани ефекти од инфекцијата, како и да пронајдат други микроби кои би можеле да се употребат во борба против ракот.
За да се добие посилен анти-канцер ефект можно е бактериската терапија да се користи во комбинација со хемотерапијата и зрачењето.
енаука.мк (реобјавена статија)