Истражувањата покажале дека во текот на животот луѓето посетуваат 25 места

Kолку често за луѓето во вашето опкружување помислувате дека се премногу забавни за да западнат во рутина? Иако изгледа дека некои луѓе водат динамичен живот, одат на концерти, посетуваат различни ресторани или патуваат, истражувањата покажуваат дека повеќето од нив својот живот го поминуваат враќајќи се на истите места, а тој број се сведува на 25.

Истражувањето започнало скромно – научниците од Германија и Америка користеле податоци добиени врз основа на употребата на паметни телефони. Во текот на две години го следеле движењето на 850 студенти. Тие ги мапирале местата што студентите ги посетуваат во текот на денот користејќи GPS и WiFi конекција.

Иако студентите обично постојано посетуваат нови места, излегува дека во животот на повеќето од нив се повторува ист број: 25 места на кои постојано се враќаат.

Студентскиот живот асоцира на студентски домови и често селење, но научниците го прошириле истражувањето на 40.000 луѓе од целиот свет, со различен стил на живот. Резултатот бил ист. Луѓето упорно се обидуваат да направат рамнотежа меѓу мрзливоста и љубопитноста, непознатото и познатото, а заокружувањето на 25 места излегува како златна средина.

Претходните истражувања го следеле движењето на луѓето на дневно ниво, најдолго една недела, а ова е прво што траело повеќе години. Интересно е тоа што бројот 25 излегувал како константа.

Луѓето не оделе на повеќе места дури и кога временски биле во можност да го направат тоа. Се покажало дека и бројот на места што луѓето ги посетуваат има одредена врска со бројот на пријатели што ги имаат.

Важно е да се нагласи дека константниот број од 25 места не значи дека во нашата рутина никогаш не воведуваме нови места. Напротив, тоа го правиме постојано. Станува збор за тоа дека кога откриваме нов омилен ресторан, пицерија и слично, местата на кои претходно сме оделе паѓаат во заборав.

Резултатите од истражувањето укажуваат на тоа дека не можеме да се врзуваме за повеќе од 25 места, исто како што не можеме да се врзуваме за повеќе од 150 луѓе.

Примената на ова истражување би можела да има влијание врз урбанизацијата – како се структурираат градовите или како владите управуваат со епидемиите.

Ако веќе знаеме дека обично поминуваме време на 25 места, се советува нивниот избор да биде внимателен бидејќи тоа значајно го формира нашето однесување, размислување и влијае врз психичкото здравје.

Поради тоа, компаниите и често вложуваат во ентериер, за да ги поттикнат креативноста и продуктивноста на своите вработени.

Можеби за местата што ги посетуваме треба да размислуваме од аспект на содржината што ни ја нудат или организацијата на простор и луѓе, и врз таа основа да ги избереме само оние места што нè поттикнуваат да бидеме најдобра верзија од себе.

Поддржете ја нашата работа: