Вие правите наследник на „Nereus“, возилото што се изгуби кај Нов Зеланд. Што се случи со него?
Се распадна во близината на „Kermadec trench“. Истарагата се’ уште трае, но првичните наоди сугерираат дека веројатно деловите што беа наменети да го издржат притисокот, не успеаа.Тоа се случи на околу 10 000 метри, каде притисокот е огромен – тоа е како три оклопни возила поставени едно врз друго да ве притиснат на ноктот од палецот. Притисокот постојано се зголемува и намалува како што возилото оди нагоре и надолу во водата. Тоа води до замор на материјалот и мали пукнатини кои со време можат да се прошират.
Што значи оваа загуба за океанската наука?
Тоа беше единствено активно возило што и беше на располагање на меѓународната научна заедница кое можеше да врши истражувања на големи длабочини, поголеми од 6 000 метри. Беа планирани пет проекти за „Nereus“; 2014 требаше да биде првата година на навистина напредни операции, така што неговата загуба е голем удар.
Сега правите нова, подобрена верзија. Што ќе ја направи поотпорна на големите длабочини?
За да ја подобриме пловноста, наместо керамички делови или делови од шупливо стакло, планираме да употребиме поусовршен материјал, нарачен синтетичка пена – епоксидна смола исполнета со ситни микросфери од шупливо стакло. Оваа верзија може да преживее на длабочина од 11 000 метри и ако некои од стаклените сфери не го издржат притисокот, тоа обично не се случува кај сите наеднаш.
Исто така и лежиштата за камерите ќе бидат многу помали и изработени или од сафир или од акрил. И двата материјали се поиздржливи од стаклото и имаат попредвидливи механички својства.
Кои се другите подобрувања?
Исто така и навигациониот систем ќе биде прецизен на 10 000, па дури и на 11 000 метри длабочина, а ќе има и подобри батерии за кои не е потребна комора за заштита од висок притисок. Бродот за поддршка ќе има контролна соба со поле на видливост од речиси 180 степени со „HD“ екран поставен во позиција која одговара на поставеноста на камерите од возилото. Исто така ќе биде инсталирано и 3Д видео што ќе му овозможи на пилотот да ја воочи длабочината од сликата. Веруваме дека ова ќе им овозможи на операторите најдобра можна илузија како да се во длабочината на океанот – без да бидат изложени на ризикот од нуркање.
Како се нарекува новото возило и кога ќе биде спремно за подводни истражувања?
Моментално се нарекува „N11k“, но тоа повеќе е работна ознака отколку име. Претпоставувам дека ќе имаме натпревар со учество на истражувачи, студенти, научници и дека на тој начин ќе дојдеме до соодветно име. Се планира возилото да биде спремно за океанските тестирања во почетокот на 2016 година, а за научните проекти, подоцна, истата година.
Интервјуто е објавено во списанието „New Scientist“, издание 17 ноември 2014 г.