Извонредните анатомски и физиолошки сличности меѓу животните и луѓето, особено цицачите, предизвикуваат истражувачите да тестираат голем дел на нови механизми и терапии на животински модели, пред директно да ги пренесат на луѓето.
Но, резултатите добиени од животните често не се потврдуваат и кај луѓето и поради тоа со ова не се согласуваат оние кои сметаат дека животните не треба да се користат за човечки цели. Овие два аспекта често се мешаат во конфузни аргументи што не ни помага да добиеме јасна слика за ова прашање.
„Future Science Group“ – независно списание за медицински, био-технолошки и научни истражувања, објави нова статија за употребата на животните во научните истражувања.
Во статијата, Франсоаз Баре-Синуси и Ксавиер Монтагутели се обидуваат да го појаснат ова важно прашање, објаснувајќи зошто животинските модели се се’ уште од суштинско значење за биолошките истражувања. Баре-Синуси доби Нобелова награда за откривањето на ХИВ и е директор на Одделот за регулирање на ретровирусните инфекции на Пастеровиот институт во Париз, Франција, Монтагутели е раководител на животинските објекти во Пастеровиот институт.
„Основните истражувања и развој на нови лекови за човечките и животинските болести направија огромен напредок и спасија милиони животи благодарение на проучувањето на различни животински модели“, вели Монтагутели. „Никогаш нема да можеме да ги замениме со алтернативни методи, но мора да работиме напорно за да ги направиме попредвидливи за луѓето, и истовремено да ги заштитиме животните. Европа го постави ова на почетокот на својата агенда“.
Авторите дискутираат за етичките прашања кои се вклучени при истражувањата со животните, како и за тоа зошто замената на животинските модели со ин витро истражувања е се’ уште далечна перспектива. Тие ја објаснуваат потребата за подобрување на нашето разбирање и користење на животните за да се намали инциденцата на истражувања со животни кои не покажуваат успех кај луѓето.
Овој труд се обидува да ги смири забуните околу прашањата од оваа област, а истражувачите се надеваат дека ќе предизвика конструктивна дискусија за иднината на ваквите истражувања.