Бројот на бебиња родени со микроцефалија (абнормално мал раст на мозокот и главата) се зголеми за 20 пати во Бразил, откако се појави неодамнешната епидемија предизвикана од вирусот Зика, кој го пренесуваат комарци.
Се’ уште не се знае како оваа состојба ќе влијае на животот на овие бебиња, но првичните истражувања укажуваат на тоа дека може да имаат сериозни оштетувања на мозокот.
Микроцефалијата е недоволно проучена вродена состојба при која бебињата се раѓаат со невообичаено мала глава, а нејзината појава се поврзува со разни причини, вклучувајќи ја неухранетоста на мајката или пак некоја генетска состојба, како Даунов синдром. Од октомври минатата година, родени се околу 4000 бебиња со микроцефалија во Бразил и се смета дека причина за тоа е инфекцијата на мајките со вирусот Зика. Се’ уште не е познато како ова ќе влијае на нивниот развој. Некои деца може и да немаат никакво невролошко оштетување, додека некои може да патат од сериозни штетувања на мозокот.
„Можно е децата да не се способни да си ги препознаат родителите, да не чувствуваат болка или да им биде потребна постојана нега и внимание бидејќи нема да бидат способни да покажат кога им се јаде или пие“, вели Џеф Вудс, клинички генетичар на Универзитетот во Кембриџ кој ги видел снимките на мозокот на некои од најраните случаи во Бразил.
Според снимките, се чини дека најмногу се погодени мозочното стебло (продолжениот мозок) и малиот мозок. Овие делови се одговорни за многу функции кои не бараат активно мислење, како голтањето, контролирањето на температурата на телото и крвниот притисок, вели Вудс. „Оштетувањето значи дека овие бебиња се склони кон задушување и напади (трески). Очекуваме ова да биде болест со многу ограничен животен век“.
Покрај тоа, бебињата најверојатно ќе имаат и некакво ментално пореметување, вели Јаник Кроу од Институтот „Imagine“ во Париз, кој испитувал три снимки на мозокот испратени од Бразил. Тој вели дека овие три случаи на Зика се слични со синдромот Ајкарди-Гутјерес – ретка состојба предизвикана од претерана реакција на имунолошкиот систем на вирусна ДНК во мозокот. „Поголемиот дел од децата со овој синдром не можат нормално да се движат и да зборуваат и имаат сериозно ментално оштетување. Се плашам дека истото би се случило и тука“, вели Кроу.
Иако се’ уште не е потврдена поврзаноста на вирусот Зика со вродените деформитети кај бебињата, ситуацијата е прогласена за алармантна.