Бразил се соочува со вирус што го намалува мозокот

Помеѓу 2014 и 2015 година, бројот на новороденчиња во Бразил родени со микроцефалија драстично е зголемен – од 200 на речиси 3 000. Микроцефалија е тешко невролошко пореметување што доведува до абнормално мал раст на черепот и мозокот кај  новороденчињата.

Најпогодените региони во Бразил веќе прогласија вонредна состојба. Здравствените работници ја поврзуваат зголемената појава на микроцефлија со неодамнешната   епидемија предизвикана од Зика вирусот, кој го пренесуваат комарци. Според проценките на бразилските власти, од овој вирус се заразиле околу 1,5 милиони лoкални жители од мај 2015 година.  

Зика вирусот се шири преку убод од комарецот „Aedes aegypti“. Обично инфекцијата поминува без никакви симптоми, а во ретки случаи се јавува појава на благи симптоми, како осип, треска и коњуктивитис. Затоа експертите ја класифицираат оваа инфекција како бенигна болест.

Но, со откривањето на вирусот во плацентата кај бразилските деца родени со микроцефалија, експертите сега се сомневаат дека овие две состојби се поврзани на некој начин, но сѐ уште останува да се утврди како едното го предизвикува другото. Кога појавата на микроцефалија почнала да зема голем замав (во ноември 2015), докторите забележале дека коинцидира со појавата на Зика вирусот во Бразил. Тие наскоро забележиле дека повеќето од мајките изјавиле дека имале симптоми слични на инфекција со Зика вирусот – блага треска, осип и главоболки, во почетокот на бременоста.

Microcephaly

Зика вирусот кој е именуван според шума во Уганда, каде што првпат е идентификуван во 1940 година, се проширил низ Африка, делови од Азија, а од неодамна и во Латинска Америка. Забележан е и во Мексико, Колумбија, Венецуела, а од минатата недела и во Порторико.

Каква е врската помеѓу овие две состојби не се знае со сигурност, со оглед на тоа дека  две претходни епидемии со Зика вирусот во Микронезија и Француска Полинезија не довеле до зголемена појава на микроцефалија и научниците не можат да ги откријат физиолошките процеси преку кои присуството на овој вирус доведува до едно вакво тешко развојно пореметување.

Според вирусологот Ален Кол од Универзитетут во Глазгов, кој го проучувал Зика вирусот, едно од објаснувањата е дека низ Бразил се шири потполно нов тип на вирусот, но дури и кај организмите со најбрза еволуција на планетата, стекнувањето на потполно нова уништувачка моќ е ретка појава.

Поверојатно објаснување е дека оваа врска досега поминала незабележано. Можно е микроцефалијата предизвикана од Зика вирусот да се јавила само кај мал дел бремени жени, а ниедна од претходните епидемии не зафатила толку голема популација за да предизвика тревога.

Засега, на бразилските локални жители и на туристите што се во посета на погодените региони им се советува да преземат силни мерки за да се заштитат себе и своите домови од комарците, додека федералните и локалните власти прават напори за ерадикација на застоените води, кои можат да бидат места за размножување на комарците.

Поддржете ја нашата работа: