Камера сними силен земјотрес во реално време и откри неочекувано движење на раседот

На 28 март 2025 година, за време на пладневната молитва во петок, силен земјотрес со магнитуда 7,7 го погоди централниот дел на Мјанмар долж раседот Сагаинг. Епицентарот бил во близина на Мандалај, вториот најголем град во земјата. Станува збор за најсилниот земјотрес што го погодил Мјанмар во повеќе од еден век и за вториот најсмртоносен во современата историја на државата.

Земјотресот бил предизвикан од т.н. страјк-слип расед, тип на раседување при кое два големи блока од Земјината кора се лизгаат хоризонтално еден покрај друг долж речиси вертикална пукнатина. На површината тоа би изгледало како тлото да е раздвоено по јасна линија, а двете страни да се движат во спротивни насоки.

Претходните истражувања, засновани главно на сеизмички записи, укажуваа дека ваквите земјотреси можат да имаат пулсно, краткотрајно и концентрирано пукање, како и благо закривено движење по должината на раседот. Но тие заклучоци беа индиректни, затоа што мерењата доаѓаа од инструменти поставени далеку од самата зона на раседување.

Овојпат научниците од Универзитетот во Кјото добиле ретка можност директно да го набљудуваат процесот: безбедносна камера го снимила моментот кога раседот се поместува. Ваквите визуелни записи се исклучително ретки во сеизмологијата и претставуваат вреден извор на податоци за тоа како навистина се одвива кинењето на раседот.

Истражувачкиот тим ја анализирал снимката кадар по кадар со метод наречен пикселска вкрстена корелација, за прецизно да измери колку и колку брзо се поместило тлото. Анализата покажала дека раседот се придвижил странично за околу 2,5 метри за само 1,3 секунди, при што достигнал максимална брзина од 3,2 метри во секунда.

Иако ваквото странично поместување е вообичаено за страјк-слип земјотреси, научниците велат дека токму многу краткото времетраење на движењето е особено важно откритие. Тоа потврдува т.н. пулсно пукање, односно концентриран бран на лизгање што се шири долж раседот.

Дополнително изненадување било тоа што патеката на лизгањето не била совршено права, туку благо закривена. Ова се совпаѓа со претходни геолошки набљудувања од различни раседи низ светот и укажува дека движењето на раседите често е посложено отколку што претпоставуваат поедноставените модели.

Студијата покажува дека видео-снимките би можеле да станат важна алатка за следење на активноста на раседите и за подетално проучување на земјотресите. Ваквите податоци можат да помогнат за подобро разбирање на механизмите што стојат зад силното тресење и за попрецизни процени на ризикот при идни големи земјотреси.

Следниот чекор за истражувачите е да ги искористат овие нови набљудувања во физички модели што ќе објаснат кои фактори го контролираат однесувањето на раседите за време на силни сеизмички настани.