Кламидијата е втората најчеста сексуално пренослива болест, веднаш по ХПВ вирусот.
Иако инфекцијата може да настане и кај мажите и кај жените, последиците се поопасни кај жените бидејќи може да предизвикаат сериозно и потенцијално трајно оштетување на репродуктивниот систем.
Во продолжение следат симптомите на кламидија кај жените, за да ви помогнат на вас и на вашиот партнер да ги препознаете раните знаци на оваа инфекција.
Кламидијата се пренесува преку секаква форма на сексуална активност, без разлика дали е вагинална, анална или орална. Според „Planned Parenthood“, кај седум од десет лица кои имаат кламидија, немаат никакви симптоми или пак се појавуваат дури неколку недели после сексуалниот однос со инфицирано лице.
Центарот за контрола и превенција на болестите известува дека ако жените воопшто искусат некакви симптоми на кламидија, тие може да вклучуваат абнормален вагинален исцедок или чувство на печење при мокрење. Ако инфекцијата е во ректумот, жената може да доживее ректална болка, па дури и крварење.
За среќа, кламидијата може да се третира и да се излечи со антибиотици. И двајцата партнери треба да се третираат и лечат. Со оглед на тоа што инфекцијата често се повторува, се препорачува повторно тестирање после 3 до 4 месеци за да се биде сигурен дека инфекцијата целосно е излечена.
За жал, станува се’ потешко да се излечи поради тоа што бактеријата која ја предизвикува станува се’ поотпорна на антибиотици. Научниците постојано се во потрага по нови ефективни третмани.
Кламидијата е инфекција предизвиката од бактеријата „Chlamydia trachomatis“. Доколку не се третира, може да предизвика трајно оштетување на јајцеводите кај жените и да доведе до неплодност во иднина, како и да го зголеми ризикот за ектопична бременост. Инфекцијата со кламидија за време на бременоста го зголемува ризикот од предвремено породување, како и раѓање на бебе со мала родилна тежина.