Креирање дијаманти на собна температура

Истражувачите од Државниот универзитет во Северна Каролина создадоа нова фаза на цврст јаглерод, наречена Q-јаглерод (Q-carbon), која се разликува од познатите фази на графит и дијамант. Тие исто така развиле техника за да го искористат тој јаглерод, за да изработат дијамантски структури на собна температура и атмосферски притисок во воздухот.

Овој јаглерод има некои необични карактеристики. Како на пример, тој е феромагнетен, а другите цврсти форми на јаглеродот (графит и дијамант) не се. Покрај тоа, тој е поцврст од дијамантот и свети дури и кога е изложен на многу ниско ниво на енергија.

Единственото место на кое овој јаглерод би можел да се најде во природниот свет е  во јадрото на некои планети.

Истражувачите го создале на тој начин што најпрво започнале со супстрат (подлога), како на пример сафир, стакло или пластични полимери. Потоа, го обложиле супстратот со аморфен јаглерод (елементарен јаглерод кој нема дефинирана кристална структура). Потоа, со ласер брзо го загревале јаглеродот до температури од околу 3,727 степени Целзиусови и потоа брзо го ладеле. Целиот процес траел само околу 200 наносекунди и се одвивал при ист притисок како и околниот воздух. Крајниот резултат биле слоеви Q-јаглерод со дебелина од 20 до 500 нанометри.

Со користење на различни супстрати и промена на траењето на ласерскиот импулс, истражувачите можеле да ја контролираат брзината на ладење на јаглеродот, при што создавале дијамантски структури. Со оглед на тоа што користеле ласери какви што се користат при ласерска операција на очите, целиот процес е релативно евтин.

Доколку научниците сакаат да претворат повеќе од јаглеродот во дијаманти, треба само да го повторат процесот. Но, се’ уште имаат многу работи да научат за својствата на јаглеродот за да можат да манипулираат со истиот.

Истражувањето е објавено во „APL Materials“.

Поддржете ја нашата работа: