Сондата Касини на НАСА, повторно воспостави контакт со Земјата, откако во средата за прв пат „заплови“ помеѓу Сатурн и нејзините прстени за да може да ја испита атмосферата околу нив и да ја измери јачината на магнетното и гравитационо поле во тоа подрачје.
На својот пат околу Сатурн, леталото Касини испрати повеќе од 3.000 научни извештаи од „далечните светови“ и ова ќе биде негова последна задача пред да заврши неговата 20-годишна вселенска одисеја. Со глед на тоа дека останува без гориво, наскоро ќе мора да ја заврши мисијата.
Во претстојните 22 недели или пет месеци, леталото би требало да стигне таму „каде што ниедно летало досега не било“, поточно, помеѓу прстените и планетата од каде ќе испраќа извештаи на Земјата – потсетува НАСА.
„Од денеска, па до септември ќе добиеме многу нови сознанија за она што се наоѓа околу Сатурн, колку се тешки неговите прстени, како и бројни други поединости за сатурновите месечини и атмосфера, истакна Ерл Маиз, водач на Касини проектот на почетокот на април на конференција за печатот.
Мината недела списанието „Science“ беше објавена статија во која стои дека во атмосферата на сатурновата месечина Енцелад има молекуларен водород, чие присуство е резултат на хидротермална активност.
Новите податоци за јачината на магнетното и гравитационо поле во подрачјето околу сатурновите прстени, би требало да откријат колкава е нивната старост и какво им е потеклото.
После опсервацијата на прстените, Касини ќе изврши и мерења на некои параметри на самата планета Сатурн, како јачината на неговото магнетно поле и брзината на ротацијата.
Се очекува леталото Касини да се распадне во атмосферата на Сатурн на 15-ти септември.