Луѓето користеле какао уште пред 5.400 години

Едно ново истражување покажува дека луѓето користеле какао во Јужна Америка пред 5.400 години, што е значително повеќе отколку што досега се мислеше за употребата на растението од кое сега најмногу се прави чоколадо.

Тестовите покажале траги од какао во предмети од археолошки локалитети во Еквадор – се наведува во студијата, објавена во списанието Nature Ecology & Evolution.

Античките јужно-американски цивилизации веројатно не користеле какао за правење на чоколадо, бидејќи нема потврда дека староседелците во регионот користеле какао на тој начин, меѓутоа, тестовите покажале дека старите народи сепак го користеле семето од какао, наведуваат истражувачите од Канадскиот Универзитет во Британска Колумбија.

Староседелците во регионот на горен Амазон, денес го користат какаото за ферментирање пијалоци и сокови, и така веројатно е користено пред илјадници години, наведуваат истражувачите.

Поголемиот дел од научниците се согласуваат дека за прв пат какаото е користено во Јужна Амрика, а не во Централна Америка, како што порано се веруваше, што потврдуваат и новите податоци.

Три вида на тестови се направени на предмети од локациите Санта Ана-Ла Флорида на Еквадор. Еден од нив е направен поради барање на присуство на теобромин, клучна состојка на какаото, втор тест е поради барање на честички кои би помогнале да се идентификува употребата на растението, а третиот е ДНК тест поради идентификување на какаото.

Остатоците од еден керамички предмет, за кој се проценува дека е стар 5.310 до 5.440 години, биле позитивни на какао во сите три методи.

Сеуште не е јасно како употребата на какаото се проширила од Јужна до Централна Америка. До времето кога шпанските истражувачи стигнале во Централна Америка, кон крајот на 15 век, тамошните народи правеле топли и ладни чоколадни напитоци со зачини, често и со пена.

“Голем дел од модерниот период, тоа било пијалок”, вели Марси Нортон, историчар од Универзитетот во Пенсилванија, и автор на книгата “Sacred Gifts, Profane Pleasures: A History of Tobacco and Chocolate in the Atlantic World”.

Чоколадните пијалоци во Централна Америка често биле правени со пченка и се разликуваат од топлото чоколадо кое денес се продава во скоро цел свет. Во тој пијалак не додавале млеко, вели Нортон, додавајќи дека како засладувач се користел медот. До крајот на 16 век, какаото почнало редовно да се увезува во Шпанија, од каде се проширило по останатите европски земји, каде почнало да се меша со млеко.

Поддржете ја нашата работа: