Според една студија што е објавена во списанието „Regeneration“, на еден сплескан црв (D. japonica) му израснала уште една глава, откако поминал пет недели на Меѓународната вселенска станица.
Петнаесет сплескани црви биле испратени на МВС на 10-ти јануари 2015 во рамките на експеримент спроведен од истражувачите од Универзитетот Тафтс. Некои од црвите биле цели, додека на некои им бил ампутиран еден дел, со цел да се види како ќе се регенерираат во услови на микрогрвитација Сплесканите црви биле избрани за овој експеримент поради нивната извонредна моќ за регенерација.
Откако поминале пет недели на МВС, црвите биле вратени и споредени со контролната група црви кои биле чувани на Земјата. Истражувачите забележиле неколку разлики помеѓу двете групи црви, од кои најзначајна била појавата на две глави кај еден од црвите што престојувале во вселената. Кога истражувачите му ги ампутирале двете глави на црвот, средниот фрагмент повторно се регенерирал во двоглав црв. Тоа е знак дека се работи за трајна мутација кај таа единка, велат истражувачите.
Во контролната група кој останала на Земјата, ваква мутација не се јавила ниеднаш.
„Во повеќе од 18 години на одржување колонии од D. japonica, што вклучува повеќе од 15.000 контролни црви само во последните пет години, истражувачите од Тафтс за прв пат забележиле спонтана појава на двоглавост“, стои во соопштението од Универзитетот Тафтс.
Покрај ова, забележени биле уште неколку необични работи.Црвите што престојувале во вселената делумно биле парализирани, пред да се врата во нормална состојба, неколку часа подоцна и поминувале помалку време во темница од црвите од контролната група.
Иако разликите помеѓу двете групи црви биле значајни, истражувачите нагласуваат дека тие можеби не можат да се објаснат само со престојот во вселената, бидејќи не успеале во целост да симулираат условите при лансирање и слетување кај контролната група. Покрај тоа, тие не се сигурни дека двете групи црви биле секогаш чувани на иста температура.
Научниците сепак се надеваат дека благодарение на овој и на слични експерименти ќе знаат повеќе за тоа како долгите вселенски патувања ќе влијаат на човечкото тело.
За да стигнеме до другите делови од Сончевиот систем, мора да дознаеме што тоа ќе му направи на нашето тело, а во ваквите истражувања лежи барем еден дел од одговорите, велат авторите на истражувањето.