На Марс тече солена вода

„Дали овие водени токови може да поддржат живот зависи од тоа колку се тие солени. Ако водата е потполно заситена со перхлорати (хидрирани соли), тогаш, живот каков што познаваме на Земјата не би можел да преживее во тој вид на концентрирана вода. Но, ако водата има само мал процент на перхлорати, тогаш би можела да биде добра“- велат  научниците од Институтот за технологија Џорџија во Атланта, кој ги објави наодите.

Долго време се сметаше дека темните линии што се појавуваат, стануваат подолги и исчезнуваат секоја година на површината на Марс, претставуваат знаци за постоење на течна вода. Оваа идеја сега е поткрепена со податоците од спектрометарот „CRISM“ што се наоѓа на орбиталниот истражувач.

Солта може да ја апсорбира водата од атмосферата и да ја намали точката на смрзнување на водата, овозможувајќи на тој начин постоење на течна вода дури и покрај ладната клима на Марс. Спектралните податоци од четири локации откриваат присуство на хидрирани соли и најверојатно се работи за магнезиум перхлорат, магнезиум хлорат и натриум хлорат.

Локацијата која најмногу ветува се наоѓа на околу 50 километри од местото на слетување на  роверот „Curiosity“ . Роверот веќе најде докази за перхлорати во кратерот Гејл, како и органски компонети, со што се зголемува можноста „Curiosity“ да бара повеќе докази во негова близина.

Потврдата за постоење на течна вода на Марс додава поголема тежина на напорите НАСА уште попосветено да продолжи со потрагата по живот на Марс. Во пустината Атакама, едно од најекстремните средини на Земјата, една заедница од микроорганизми успева да преживее од влагата во почвата, што се создава од водата што солта ја апсорбира од атмосферата. Некои сметаат дека слични микроорганизми би можеле да живеат и на Марс.

Истражувањето е објавено во „NATURE GEOSCIENCE“.

Поддржете ја нашата работа: