НАСА најавува прес-конференција за нови откритија за Европа – месечината на Јупитер

Следниот понеделник (26 септември 2016 година) НАСА ќе одржи прес-конференција за да ги презентира новите откритија за изненадувачката активност на Европа – една од многуте месечини на Јупитер, поконкретно докази за подземни океани.

Оваа замрзната месечина се смета за еден од најдобрите кандидати за вонземски живот во нашиот Сончев систем, што го прави ова соопштение прилично возбудливо.

НАСА досега изјави само дека откритијата се направени од вселенскиот телескоп Хабл и дека се поврзани со активност што може да е поврзана со присуство на подземни океани на Европа.

Ова е навистина возбудливо со оглед на тоа дека научниците веќе долго време се сомневаат дека оваа месечина има огромни солени океани под својата површина, но бидејќи немаме испратено ровер таму, не сме во можност да го потврдиме тоа.

Што е уште повозбудливо, неодамна научниците на НАСА пресметаа дека хемиската рамнотежа на подземните океани на Европа (доколку постојат) е многу слична на онаа на океаните на Земјата, што значи дека би имало доволно водород и кислород во нив за да се формира живот.

Па зошто се научниците толку убедени дека има течни океани под замрзнатата површина на месечината оддалечена речиси 500 милиони милји од Сонцето?

Најпрво поради невообичаената мазна површина на Европа, како и млазовите на водена пареа коишто се забележани како излегуваат од површината. Покрај тоа, минатата година научниците објавија дека некои делови на месечината се чини дека се покриени со морска сол.

Обично, на толкава оддалеченост од Сонцето, повеќето течности би биле замрзнати, но научниците сметаат дека Јупитер има многу силна приливна сила на Европа, што создава доволно енергија за водата да биде во течна состојба.

Исто така има знаци дека оваа приливна енергија предизвикува геолошки активности слични на тектонската активност на земјата, што би можело да доведе до формирање на хидротермални отвори каде што би можел да се формира живот. Ова се први докази за тектонски плочи надвор од нашата Земја.

Па, од сето ова можете да видите зошто сме прилично возбудени за овие вести и со нетрпение ја очекуваме прес-конференцијата во понеделник која ќе започне во 8 часот вечер (по наше време) и ќе има само аудио пренос во живо кој ќе може да го проследите на следниов линк.

Поддржете ја нашата работа: