НАСА: Со помош на вештачка интелигенција откривме мини верзија на нашиот сончев систем

Нашиот сончев систем сега е усогласен со бројот на планети кои орбитираат околу една ѕвезда, откако неодамна е беше откриена осмата планета која кружи околу Кеплер-90, ѕвезда слична на Сонцето, оддалечена 2545 светлосни години од Земјата – се вели во денешната објава на НАСА. Планетата „Кеплер-90и“ била пронајдена во сончевиот систем „Кеплер-90“.

Новооткриената Kepler-90i, сјајна, жешка, карпеста планета која орбитира околу ѕвездата еднаш на секои 14,4 дена, е откриена со користење на техниките за длабоко учење развиени од „Гугл“. Во овој случај, компјутерите научиле да ги идентификуваат планетите со барање на примери во податоците на Кеплер, каде телескопот снимил сигнали од планети надвор од нашиот Сончев систем, познати како егзопланети.

Системот работи по принцип на неврална мрежа – слично како што мозокот обработува информација, и обработил 14 милијарди дата единици, собрани за четири години преку слики од Кеплер.

“Како што и очекувавме, во складираните податоци на Кеплер се кријат возбудливи откритија кои само ја чекаат вистинската алатка или технологија за да ги детектираат”, вели Пол Херц, директор на одделот за астрофизика на НАСА во Вашингтон. “Ова откритие покажува дека нашите податоци се вистински склад за корисни информации што иновативните научници можат да ги истражуваат со години” – додава тој.

Астрономот Вандербург пак, го опишува системот како „мини-верзија на нашиот Сончев Систем“, додавајќи дека поголемиот дел од малите планети се блиску до ѕвездата и дека поголемите светови се турнати кон надворешните граници.

Кеплер досега има донесено голем број на информации за планетите и егзопланетите. Иако сеуште треба да се пронајдат конкретни докази дека овие светови се погодни за живот, научниците се поблиску до тоа откритие благодарение на ова вселенско летало.

Космичкиот телескоп Кеплер е лансиран во 2009та година, и скенирал околу 150.000 ѕвезди.

Поддржете ја нашата работа: