НАСА се обидува да го спаси вселенското летало Кеплер

Судбината на нашето омилено вселенско летало Кеплер, кое воедно е и нашата најдобра шанса за пронаоѓање на нови планети во зоната погодна за живот надвор од нашиот Сончев систем, е под знак прашалник откако неочекувано влезе во т.н. „вонредна состојба“.

Тоа значи дека се наоѓа во своето досега најслабо ниво на функционирање, при што троши огромно количество на гориво, а НАСА се обидува да го поправи на оддалеченост од 120 милиони километри. Поради огромната далечина, комуникацијата е бавна. Дури и со брзината на светлината, потребни се 13 минути за еден сигнал да отпатува до леталото и назад.

Последниот контакт на НАСА со Кеплер бил на 4-ти април и немало никакви индикации дека нешто не е во ред. Од Агенцијата велат дека немаат никаква идеја за тоа што би можело да ја предизвика вонредната состојба, но истакнуваат дека тоа се случило токму пред да го пренасочат леталото кон центарот на Млечниот Пат, за да почне ново планетарно истражување.

Вселенското летало Кеплер беше лансирано во 2009 година и ја заврши својата првична мисија во 2012 година, кога откри речиси 5000 потенцијални егзопланети, од кои досега 1000 се потврдени од научниците. Потоа продолжи со својата потрага по интересни астрономски објекти, како млади ѕвезди и супернови, а со новата мисија со фокус во центарот на Млечниот Пат ќе требаше да бара залутани планети помеѓу ѕвездите, планети слични на Земјата или пак чудни планети на крајот на своите сончеви системи.

Сепак, ова не значи дека е крај на неговата потрага, со оглед на фактот дека и порано се соочувал со дефекти кои научниците на НАСА успешно ги поправале. Да се надеваме дека и овој пат се ќе биде во ред, бидејќи се’ уште имаме многу да научиме од овој мал ловец на планети.

Поддржете ја нашата работа: