Научници телепортирале објект во орбитата на Земјата

За прв пат во историјата кинеските научници успешно телепортирале фотон од Земјата на сателит во орбитата на височина поголема од 500 километри.

Минатата година од центарот за лансирање на сателити, Џиукуан во пустината Гоби, беше лансирана ракетата „Long March 2D“ со сателитот наречен Мициус – именуван по древниот кинески филозофи научник кој починал во 391 п.н.е. Ракетата го постави Мициус во синхрона орбита со Сонцето, така што поминува над истата точка на Земјата во исто време секој ден.

Мициус е високо осетлив фотонски приемник кој може да ги детектира квантните состојби на поединечните фотони исфрлени од површината на Земјата. Тој е лансиран за да им овозможи на научниците да ги тестираат технолошките градежни блокови за разни квантни достигнувања, како што се испреплетеноста на честичките, криптографијата и телепортацијата.

Оваа телепортација е првиот резултат од овие експерименти. Не само што научниците за прв пат телепортирале објект од Земјата во орбитата, но тие ја создале и првата квантна мрежа која достига до земјината орбита, со што е соборен рекордот за најголемо растојание на кое е измерено испреплетување.

“Телепортацијата на големи далечини е клучниот елемент во протоколите како што се големите квантни мрежи и квантните компјутери. Претходните експерименти за телепортација помеѓу оддалечени точки беа лимитирани на само 100 километри, заради губиток на фотоните во оптичките влакна, или во слободниот простор на земјините канали“– вели кинескиот тим за „MIT Technology Review“.

Телепортацијата веројатно се замислува онака како е дефинирана во научнофантастичните филмови или сериите (како телепортациите во серијата „Стар Трек“) но всушност е потполно различна од тоа.

Квантната телепортација се базира на квантната испреплетеност – состојба во која еден сет од објекти (какви што се и фотоните), се формираат во исто време и во иста точка во просторот. На овој начин тие всушност го делат постоењето. Таа поделена егзистенција опстојува дури и кога фотоните се одвоени – што значи дека секоја манипулација со едниот од нив веднаш влијае и на другиот, вклучувајќи го и мерењето, без оглед на нивната меѓусебна оддалеченост.

Оваа поврзаност може да се користи за пренесување на квантни информации со „преземање“ на информациите што се поврзани со едниот фотон, преку испреплетената врска со другиот фотон. Овој втор фотон го зама идентитетот на првиот.

Во конкретниот случај, кинеските научници создале испреплетен пар фотони на Земјата и едниот го лансирале кон сателитот додека другиот го задржале на Земјата.На крај, го измериле фотонот на Земјата и тој во орбитата и потврдиле дека се во испреплетена состојба.

Сепак, треба да се напомене дека оваа технологија има ограничувања. На пример на овој начин не можат да се транспортираат поголеми објекти.

Иако, теоретски не постои максимално растојание за транспорт, испреплетеноста е многу фрагилна состојба и врските лесно може да се прекинат.

Но и покрај ограничувањата, ова истражување отвора пат за уште поамбициозни студии за квантната телепортација.

Поддржете ја нашата работа: