Илузијата на телепортирање на луѓето откри како мозокот го формира нашето чувство за себе си. Овие наоди може да помогнат во третманите за шизофренија и асоматогнозија – ретка состојба кога човекот не е свесен за дел од неговото тело.
Арвид Гутерстам, невролог од Институтот Каролинска во Стокхолм, Шведска, заедно со неговите колеги, спровеле експеримент за да откријат како мозокот го формира тоа чувство. Притоа 15 лица лежеле и им бил скениран мозокот со помош на функционална магнетна резонанца, додека истовремено носеле дисплеј на главата. Тој бил поврзан со камера на кукла која исто била поставена во лежечка позиција, но во друг дел на собата со што учесниците можеле да ја видат собата и да се видат себе си во скенерот – од перспективата на куклата.
Тогаш, еден член од тимот на научници, истовремено ги погалил и учесникот и куклата. Тоа предизвикало вонтелесно чувство кај учесникот, односно тој мислел дека го поседува телото на куклата и дека се наоѓа на локацијата каде што се наоѓа куклата. Овој експеримент го повторувале со тоа што ја поставувале куклата на различни делови од собата, па така учесникот перцепциски се телепортирал на различни локации во собата. За да се прекине илузијата едноставно требало да се допрат учесникот и куклата во различно време.
Со споредба на мозочната активност кога луѓето биле и не биле во рамките на илузијата, и додека перцепциски биле во различен дел од собата, научниците успеале да идентификуваат кои делови од мозокот го контролираат нашето чувство за сопственото тело и сопствената локација. Еден дел- постериорниот цингулатен кортекс ги комбинирал и двете. Ова е еден мистериозен дел од мозокот и научниците не знаат многу за неговата функција. Веќе е поврзан со формирањето на емоциите, меморијата и учењето, а абнормалната активност тука е поврзана и со депресијата и шизофренијата.
Како и што научниците очекувале, и париеталниот лобус и предмоторниот кортекс биле исто така вклучени во илузијата на телепортирање. „Овие делови од мозокот се познати по интегрирањето на информации од различни сетила за да создадат поголема претстава за телото“, вели Гутерстам. И други делови од мозокот, за кои е познато дека ни помагаат во движењето, исто така биле активни за време на илузијата.
„На долгорочен план, овие наоди ќе ни дадат индиции за тоа што се случува при нарушувањата како што е шизофренијата на пример, каде што постои нарушување на перцепцијата за себе си, како и кај други нарушувања кај кои чувството за сопственото тело е на некој начин изменето“, заклучува Гутерстам. Тој и неговиот тим сакаат да истражат и што се случува во мозокот за време на уште едно друго вонтелесно искуство, односно илузија кога луѓето велат дека се гледаат себе си одозгора.
Истражувањето е објавено во „Current Biology“.