Денеска, да кажете дека Фејсбук знае многу за нас е речиси излишно. Сите се свесни дека „FB“ собира податоци за нашите животи, што понекогаш доведува и до бизарни случки како на пр. да се изгуби работата поради „не така подобна“ фотографија, па дури и да се биде обвинет за криминално делување.
Група научници од Универзитетот Кембриџ создадоа компјутерски алгоритам кој докажа дека може, со вознемирувачка прецизност, да предвиди за каква личност се работи, само врз основа на „лајковите“ на Фејсбук. Програмата е толку прецизна, што може да ги засрами дури и пријателите и роднините на личноста за која се работи.
Алгоритамот бил испробан на личните податоци и „лајковите“ од Фејсбук на над 85 000 доброволци. Податоците се состоеле од одговорите на 100 прашања (обезбедени преку апликацијата „myPersonality“) базирана на „Big Five“тестот, а за да проверат колку точно може програмата да предвиди за каква личност се работи, научниците побарале од членовите на семејството и пријателите на учесниците, исто така, да пополнат прашалник. Добиените резултати биле достојни за восхит.
Само околу 10 „лајкови“ и биле потребни на програмата за да биде попрецизна од колегите од работа, а родителите, браќата и сестрите или партнерите биле подобри за 150 „лајкови“. Сопружниците биле генерално подобри од програмата (за 300 лајкови), но сепак и таа разлика била речиси занемарлива.
Анализата на податоците покажала кои „лајкови“ се поистоветуваат со повисоко ниво на одредена особина на личноста. На пример, „лајк“ за Салвадор Дали или за медитација, открива повисоко ниво на отвореност, додека „лајк“ за филмот „Кога јагнињата ќе стивнат“ (Silence of the Lambs) и за музиката на Ники Минаж се поврзуваат со компетитивноста.
„Во иднина компјутерите би можеле да бидат во состојба да извлечат заклучок за тоа какви се нашите психолошки особини и соодветно на тоа и да реагираат – што може да доведе до појава на емоционално интелигенти и социјално вешти машини. Во тој контекст, интеракцијата човек – компјутер, што може да ја видиме во научно-фантастичните филмови, се чини дека веќе ни е на дофат“, забележуваат научниците.
Она што го намалува оптимизмот од развојот на оваа технологија е грижата за приватноста. Од тие причини, научниците ја нагласуваат важноста на корисниците да им се обезбеди целосна контрола над личните податоци, со што би се намалила и веројатноста од упад во приватноста.
Истражувањето е објавено во „Proceedings of the National Academy of Sciences“.