Алцхајмеровата болест е невродегенеративно прогресивно заболување кое се карактеризира со пропаѓање на интелектуалните функции како способноста за помнење, расудување, решавање на проблеми, апстрактно мислење, просторна и визуелна проценка, како и вербални способности. Обично се јавува кај населението над 65 годишна возраст и е одговорна за 60% од случаите на деменција.
Можеби најзастрашувачкото нешто за Алцхајмеровата болест е нејзината неизбежност. Се’ уште немаме никакви вакцини или превентивни мерки, па или ќе ја имате или не. Доколку ја имате, има многу малку надеж за опоравување бидејќи немаме никаков третман или лек. Но, што ако би можеле да ја детектираме болеста уште пред да почнат да се појавуваат нејзините симптоми и да им дадеме можност на пациентите да го забават нејзиното напредување, како и на научниците да добијат подобар увид во начинот на кој таа се развива?
Научниците од САД штотуку завршија едно тестирање на крвта и изјавија дека постигнале „исклучителна точност“ во детектирањето на раните фази на Алцхајмеровата болест кај 236 пациенти.
Општо е прифатено дека промените во мозокот кои се поврзани со Алцхајмеровата болест започнуваат најмалку една деценија пред да се појават забележливите симптоми. Овој тест е дизајниран за да ја детектира Алцхајмеровата болест во својата рана фаза, односно пред да се појават симптомите, и е првиот тест на крвта кој користи биомаркери на авто-антитела (посебен вид на антитела произведени од страна на имунолошкиот систем за да таргетира одредени протеини во телото) кои можат прецизно да ја детектираат болеста пред да нанесе преголема штета на мозокот.
Тестот е дизајниран да го детектира благото когнитивно оштетување и да го разликува од сличните ментални намалувања предизвикани од фактори како хронична депресија, злоупотреба на алкохолот, како и несаканите ефекти на одредени лекови.
Тимот на научници вели дека иако овие резултати се возбудливи, ќе мораат да направат дополнителни тестирања на поголем и поразновиден примерок. Во оваа фаза, да дознаете дека имате Алцхајмер во рана фаза нема да го спречи неговиот развој, но барем ќе овозможи можност за регистрирање на клинички испитувања за нови лекови и третмани, планирање на идната медицинска грижа, како и нов начин за одложување на прогресијата на болеста. Можеби ако научниците добијат подобар увид во нејзините рани фази ќе успеат да откријат како почнува и како да ја спречат.
Наодите се објавени во „Alzheimer’s & Dementia“.