Во 2007 година, една група студенти по машинство на МИТ (Massachusetts Institute of Technology), решиле да дизајнираат нова инвалидска количка.
Амос Винтер, (сега професор на МИТ), дошол на идеја за инвалидска количка која се движи со помош на рачки. Групата оформила компанија наречена „Глобална истражувачка и иновативна технологија“(GRIT) и почнала да произведува – како што тие го нарекуваат „Leveraged Freedom Chair“.
Шефот на одделот за технологија на „GRIT“ Марио Болини, вели дека „наместо да се буткаат тркалата со раце, движењето на количката се врши преку рачки кои се вртат со двете раце и користи преносен систем – ланец сличен како кај велосипедите за да ја пренесе силата на тркалата“.
Постојат и други колички кои се базираат на слична технологија, но Болини вели дека дизајнот на „GRIT“ е уникатен во најмалку две важни области.
„Основата на нашата технологија е дека овој преносен систем може да се направи потполно од деловите од велосипед. Тоа го прави овој производ поевтин од останатите слични колички што се наоѓаат особено во САД, за отприлика половина цена, а е со подобри перформанси. Покрај тоа нашиот ланец може да ја смени механичката предност со помош на рачките“- изјави Болини за „VOA“. Тој додава дека овие колички се особено корисни за движење преку груби, нерамни површини што често се среќаваат во земјите во развој, а количките се дизајнирани да може секој дел лесно да се најде на локаните пазари.
Ако тркалото или ланецот се расипе, може да се замени со трлкало или ланец од обичен велосипед.
Производството започнало во 2011 година и Белини вели дека минатата година испорачале 1 200 вакви колички во 17 земји. Главно се продадени на агенции за помош и невладини организации, кои ги дистрибуираат бесплатно.
Компанијата планира да произведе и модел на преклопување што ќе биде исто така лесно достапен.