Кина има за цел да создаде најмоќен систем за препознавање лица на светот и планира тоа да го направи преку проектот на Министерството за јавна безбедност, кој се развива во соработка со компанија за безбедност, чие седиште се наоѓа во Шангај.
Кина инаку веќе има вградено над 170 милиони најсовремени камери за надзор ширум земјата.
Целта на таа мрежа е да го идентификува секој од 1,4 те милијарди жители во рок од три секунди. Само во септември минатата година Кина инсталиралаповеќе од 20 милиони безбедносни камери ширум земјата – пишува Дејли мејл.
Еден од примерите како во Кина овој масовен надзор, опремен со најнапредна вештачка интелигенција и софтвер за препознавање лица, му се спротивставува на криминалот се и високотехнолошките наочари за сонце, кои полицијата во централниот дел на Кина ги користи, а се опремени со технологија за препознавање лица со цел да се откријат осомничените за криминал на железничките станици.
Исто така, сообраќајната полиција во Женшен монтира 40 камери за надзор, под името робокап, за да ги идентификува ликовите на непристојните возачи и да го регулира сообраќајот.
Во истиот град на пешачките премини минувачите веднаш добиваат известување за паричната казна која им следува штом ги прекршат правилата, а истовремено фотографии и имиња на луѓето кои преминуваат улица на црвено светло се прикажани на големи ЛЕД екрани.
На големите стадиони, користејќи технологија за препознавање на лица како дел од безбедносните мерки, полицијата за два месеци уапсила три бегалци.
Кина воведе метод на препознавање лица и во други јавни сфери – од надгледување на студентски домови до ограничување при користење тоалетна хартија во јавни тоалети, а противниците на таквиот систем сметаат дека Кина со овие методи целосно им ја крати слободата на граѓаните – пишува Дејли мејл.