Четири децении по нуклеарната несреќа во Чернобил, шест микроскопски радиоактивни честички откриваат дека остатоците од горивото се хемиски постабилни отколку што се претпоставуваше.
Истражувачи од Универзитетот „Лајбниц“ во Хановер и Центарот „Хелмхолц“ во Дрезден-Росендорф анализирале честички со големина од 8 до 50 микрометри. Тие користеле рендгенска дифракција во синхротронскиот објект во Гренобл за да ја утврдат нивната кристална структура.
Резултатите покажале дека структурата на нуклеарното гориво во испитаните честички во голема мера останала зачувана. Во нив сè уште се задржуваат и продукти од нуклеарната фисија, што може да значи дека радиоактивните материи се ослободуваат побавно во почвата и водата околу местото на несреќата.
Сепак, научниците нагласуваат дека секоја честичка има различен состав и однесување. Испитувањето опфатило само шест честички од две локации, па резултатите не можат да се применат на целиот регион или да дадат конечна процена на здравствените ризици.
Поради можноста некои, поретки честички да останат стабилни подолго и подоцна да ослободат радионуклиди, ограничувањата во зоната на исклучување остануваат неопходни. Истражувањето, објавено во Journal of Hazardous Materials, ќе биде продолжено со анализа на други радиоактивни соединенија.































