Габа од Чернобил како „заштитен фактор“ во вселената

Неодамнешните научни студии на почвата спроведени во близина на нуклеарната централа во Чернобил покажаа дека видовите габи Cryptococcus neoformans се хранат со зрачење од реакторот. Габата е откриена во Чернобил во 1991 година, пет години по експлозијата на нуклеарен реактор. Во времето кога беше откриена, малку се знаеше за неа. Научниците утврдиле дека се хранат со зрачење, што ја отвора можноста да се користи за да се заштитат луѓето од ефектите на нуклеарните зрачења.

За прв пат габата е опишана во 1890 година. Позната е како опасен микроорганизам за луѓе со послаб имунолошки систем. Вдишување на почва контаминирана со капсулирана габа може да доведе до инфекција на белите дробови, позната како криптококоза.

И покрај негативните аспекти, постои можност таа да биде корисна, особено во вселената. Габата содржи голема количина меланин, пигмент кој исто така се наоѓа во човечката кожа, поради што кожата потемнува по изложување на сонце. Меланинот од габата го апсорбира радиоактивното зрачење и го претвора во хемиска енергија.

Според првото објавено истражување во 2007 година, процесот на претворање на зрачењето во енергија се нарекува радиосинтеза. Иако меланинот е пигмент кој се наоѓа во разни биолошки системи, некои студии врз габичен меланин тврдат дека тој не само што може да биде заштита од УВ зрачење, туку може да има и функција на заштита од разни видови јонизирачко зрачење. Исто така, постои претпоставка дека меланинот од габа обезбедува поголема количина на енергија отколку меланинот од друг организам, иако сè уште нема доволно докази за тоа.

Првиот тест беше спроведен, со изложување на меланин од оваа печурка на Меѓународната вселенска станица во ноември 2019 година. Тестот го спроведоа научници од Универзитетот Џон Хопкинс. Таму се спроведени тестови за да се најде начин како биоматеријалот може да помогне во заштита од силното зрачење во вселената.

Според водачот на проектот и истражувач Радамес Ј.Б. Кордеро, зрачењето е многу опасно затоа што ја уништува клетката. Ако некој материјал може да се користи како штит од него, тоа би можело да биде корисно не само за структурите во вселената, туку и за луѓето на Земјата.

Резултатите од истражувањето се очекуваат за неколку месеци. Тие би можеле да бидат уште еден мал чекор за човекот и сегашноста, но голем чекор за човештвото.

Извори: Официјална веб-страница на Универзитетот Џон Хопкинс, CNet, Nature

Поддржете ја нашата работа: