Откриен нов вид на диносаурус во Аргентина

Сауропод, кој живеел пред 110 милиони години е пронајден во подрачје кое во тоа време било пустина.

Тим од шпански и аргентински палеонтолози во Аргентина откриле добро сочувани остатоци на вид диносауруси, за кои се претпоставува дека живееле пред 110 милиони години во централниот дел на денешна Аргентина.

Остатоците се од три диносауруси кои припаѓаат на еден возрасен и два млади диносауруси. Новооткриниот вид научниците го нарекле Lavocatisaurus agrioensi , а станува збор за животни кои се хранеле со растенија, кои спаѓаат меѓу најголемите видови диносауруси чии најпознати претставници се diplodocus и brontosaurus.

“Пронајдовме поголем дел од кранијалните коски, па затоа можевме да направиме комплетна реконструкција”, вели Хосе Луис Карбаљидо, истражувач од Музејот и Националниот совет за научни истражувања.

Исто така се пронајдени делови од вратот, опашката и грбот.

“Не само што ова е откритие на нов вид во областа каде што не очекувавме да ги пронајдеме фосилите, сепак черепите на ова животно се речиси целосно сочувани”, додава Карбаљидо.

Должината на возрасниот примерок е 12 метри ,а младите се долги шест и седум метри.

Откритието на овие фосили е изненадување за научната јавност, бидејќи областа каде што се пронајдени е со слаба вегетација, каде тешко може да се замисли живот на диносауруси, кои се хранеле со растенија.

Сауроподите биле најголеми суштества кои некогаш оделе по оваа планета. Се верува дека можеле да достигнат должина и до 33-34 метри, а тежина и до 120 тони.

 

Поддржете ја нашата работа: