Коралните гребени се идеално живеалиште за голем број растителни и животински видови. Многу гребени не се наоѓаат на големи длабочини, па можат да се истражуваат со помош на маски и пераи. Меѓутоа, прекрасниот морски свет се наоѓа и во големите длабочини во топлите океански води на длабочина од 60 до 152 м. Така и сега е откриен еден сосема нов вид.
Научниците од Академијата на науките во Калифорнија откриле еден нов животински вид додека ја проучувале областа околу архипелагот St Paul’s Rocks, кој се наоѓа на 965 милји од брегот на Бразил.
Овој корален гребен е живеалиште на многу видови риби со силни, огнени бои. Новата откриена риба поради нејзините бои е наречена по грчката божица Афродита, Tosanoides aphrodite.
“Оваа риба е една од најубавите кои некогаш сум ги видел”, вели Д-р. Луиз Роча. “Толку не воодушеви што откако ја здогледавме, не забележавме ништо друго околу себе”.
Навистина, видео снимката покажува дека во моментот кога ја здогледале им се приближила ајкула. Кружела околу нив, па за кратко се оддалечила. Научниците не ја забележале.
Откако собраните примероци од новиот вид на риба ги однеле на понатамошни проучувања во нивната лабораторија во Сан Франциско, научниците откриле дека мажјаците ги красат силно жолти и розови пруги, додека женките имаат силно портокалова боја.
Научниците велат дека поголемиот дел од рибите кои живеат покрај корални гребени на големи длабочини имаат портокалова или црвена боја, бидејќи на тој начин се штитат од предатори.
Со помош на ДНК анализа утврдиле дека рибата припаѓа на видот Tosanoides. За прв пат овој вид е пронајден на Атлантикот. St Paul’s Rock е подрачје кое е прилично изолирано. Поради своите карактеристики тој архипелаг е идеален за проучување на биодиверзитетот, екологијата и еволуцијата.