Научници од Универзитетот Стенфорд открија досега непознат тип имунолошки клетки кај планарии – ситни водни црви познати по извонредната способност за регенерација. Клетките, наречени „руптобласти“, можат да експлодираат за само неколку секунди или минути и да ги уништат околните бактерии и туѓи клетки.
Истражувачите го забележале необичниот механизам додека проучувале како планариите препознаваат и отфрлаат ткиво од друг единец. Кога споиле делови од различни црви, животните развиле силна воспалителна реакција слична на имунолошкото отфрлање трансплантирано ткиво кај луѓето.
Понатамошните анализи покажале дека хормонот активин ја поттикнува реакцијата. Под негово влијание, мал број клетки ненадејно се распаѓаат, ослободувајќи материи што ги убиваат клетките во непосредна близина. Научниците овој процес го нарекле „руптоза“.
За разлика од некои други форми на клеточна смрт, кои можат да траат со часови, руптозата се одвива речиси веднаш. Со тоа секоја руптобласт се претвора во локализирано оружје што нанесува силен, но ограничен напад без ширење на штетата низ околното ткиво.
Во лабораториски тестови, руптобластите уништиле бактерии E. coli, човечки бубрежни клетки и глувчешки крвни клетки. Истражувачите сметаат дека овој прецизен механизам би можел да понуди идеи за идни терапии против инфекции и тумори, иако таквите примени сè уште се далеку од клиничка употреба.
Руптобластите не се типични имунолошки клетки како Т-клетките или неутрофилите. Тие потекнуваат од жлездено ткиво, а нивната експлозивна реакција веројатно се потпира на нагло ослободување на калциум од ендоплазматичниот ретикулум.
Слични клетки досега се пронајдени само кај еволутивно древни животни, како планариите. Бидејќи овие црви имаат голем број матични клетки и можат брзо да ги обноват оштетените ткива, можно е ‘рбетниците да не го задржале овој ризичен, но ефикасен имунолошки механизам.
Откритието покажува дека проучувањето на помалку познати организми може да открие целосно нови стратегии за одбрана од инфекции и туѓо ткиво.
































