Овој цицач може да преживее без кислород

Едно од најбизарните суштества на Земјата – голиот крт уште еднаш ги изненаде научниците.

Веќе е познато дека голиот крт е отпорен на рак и на чувството за болка, дека ја менува температурата во зависност од околината, но научниците сега веруваат дека ова чудно суштество може да преживее и без кислород.

„Голите кртови обично се среќават во подземни колонии кои бројат околу 200 единки. Сакавме да тестираме која е најниската концентрација на кислород во воздухот која им е потребна на овие суштества за да опстанат“- вели Гери Левин од Центарот за молекуларна медицина„Макс Делбрук“.

Истражувачите ги тестирале овие животни во средина со пет проценти кислород. „Сѐ што е по 10 проценти е смртоносно за човекот“ истакнува Левин.

Меѓутоа, тоа воопшто не влијаело на овие глодари, дури и после неколку часа поминати во такви услови.

Во следниот тест, глодарите биле ставени во средина без кислород. Животните брзо заспале, влегле во состојба слична на кома и така живееле 18 минути.

Истражувачите потоа им доставиле кислород и животните потполно се опоравиле.

Анализирајќи ги податоците научниците сфатиле дека животните го менуваат својот метаболичен систем од оној на база на глукоза за кој е потребен кислород за да ослободи енергија, во систем на база на фруктоза, на кој кислород не му е потребен.

За да можат нивните клетки да функционираат, голите кртови едноставно се префрлиле на друг вид на гориво, каде  недостатокот од кислород е неважен.

„Ова е извонредно откритие. Ваков тип на метаболизам не е забележен кај цицачите. Има некои риби кои се служат со слични трикови, но и тие се исклучок“ – вели  Мајкл Беребринк од Универзитетот во Ливерпул кој не бил вклучен во истражувањето.

Според Левин ова откритие е возбудливо поради можните придобивки за луѓето.

Ако се открие на кој начин овие мали суштества ја користат фруктозата за да се одржат во живот, тоа би можело да доведе до нови третмани за луѓето кои претрпеле оксидативен стрес како последица на срцев или мозочен удар.

„Луѓето  веќе имаат способност  да создаваат енергија од фруктоза. Нашиот црн дроб тоа постојано го прави. Прашање е дали може да го промениме нашето тело така што ќе  може да се префрли на метаболизам на фруктоза кога снабдувањето со  кислород ќе ни се намали“– вели Левин.

Можеби екстремните нуркачи кои успеват релативно долго време да преживеат без воопшто да земат кислород, несвесно го научиле своето тело како да се префрли да користи фруктоза наместо глукоза за метаболичките процеси, додава Левин. Тој се надева дека со понатамошните истражувања ќе се утврди како точно овие чудни животни успеваат да преживеат без кислород и што луѓето може да научат од нив.

Поддржете ја нашата работа: