Се проценува дека илјадници метеорити влегуваат во атмосферата на Земјата секоја година, а потоа повеќето од нив се наоѓаат паднати на Антартикот. Зошто е тоа така? Една од причините е едноставно тоа што темните камења можат лесно да се забележат на белата површина.
Но, еден специфичен вид на метеорит кој е богат со железо многу поретко се среќава на Антартикот, што на некој начин претставува мистерија која долго време ги збунува научниците.
Сега, едно ново истражување на научниците од Велика Британија нуди можно решение за ова.
Според истражувањето, метеоритите богати со железо брзо се загреваат од сончевите зраци со што ја топат површината и паѓаат надолу под горниот слој на мразот, што го отежнува нивното пронаоѓање.
Покрај визуелниот контраст, уште една причина поради која метеоритите (оние кои не содржат метали) толку често се пронаоѓаат на Антартикот е динамиката (движењето) на мразот што ги пренесува закопаните метеорити до локализирани региони на површината кои се наречени зони на метеорити. Во овие зони се пронајдени околу ⅔ од метеоритите на Земјата.
Според истражувачите, оваа континуирана „подвижна лента“ ги носи метеоритите од внатрешноста до површината на мразот во изминатите неколку милиони години, но доколку метеоритите содржат железо не можат да стигнат на површината, бидејќи го топат мразот, па остануваат засекогаш заробени на околу 50 до 100 см. под мразот.
Така, тие би требало се’ уште да се таму па следниот чекор на истражувачите е да ги пронајдат и да ги проучат, најверојатно со помош на радари и детектори на метал.
Истражувањето е објавено во „Nature Communications“.